Џон Долан – од бездомен зависник од дрога до успешен уметник и автор

Современата уметност денес е полна со „улични артисти“, но малку од нив буквално биле на улица. Џон Долан, кој поминал 20 години спиејќи, цртајќи и питајќи со своето куче, е единствениот реномиран уметник со ваква приказна.

Поранешниот зависник од хероин и „не толку ситен“ крадец успеал да се спаси од животот на улиците кога сопственикот на галерија Ричард Хауард-Грифин го препознал неговиот талент и организирал изложба на неговите дела.

Тоа се случило во 2011 година, а после изложбата следувале повеќе продажби, на кои секогаш заработувале добри суми на пари. Уметникот подоцна го напишал и бестселерот „Џон и Џорџ: Кучето кое го спаси мојот живот“.

Животот за Долан денес е многу поразличен, но чувствува вина за своето минато и сака да ги поправи нештата кај луѓето на кои им згрешил.

„Бев криминалец, крадец и тоа не ситен. Бев вистински опортунист: грабав сé што можам да дофатам“, вели 44-годишниот уметник.

„Имам крадено и крадено, и веројатно сум го уништил денот на неколку луѓе. Ниту еден криминал не поминува без жртва и тоа навистина го чувствувам денес. Мојата уметност е за враќање добрина назад, и е обид да го поправам тоа“.

Долан и негов пријател од Narcotics Anonymous шетаат низ Лондон со цел да им помогнат на луѓето кои спијат на улица да се излечат од зависност и да најдат центар за социјална помош кој ќе ги вдоми.

Сега се врати во Box Park Square, каде слика огромен мурал направен од 2700 отпечатоци од прсти, со кој сака да ги презентира на јавноста услугите на StreetLink, мобилна апликација која им овозможува на корисниците брзо да јават на властите кога ќе видат бездомник.

Портретот со отпечатоци од прсти е на неговиот пријател Виктор. „Денес, Виктор е на дното. Не е можно да се биде победен од овој човек. Кутриот Виктор сигурно се нема искапено десет години, врие од вошки и е понечист одошто можете да замислите“.

„Дошол од Русија или Полска и знае да свири на пијано како што јас и вие знаеме само да дишеме. Има завршено класични студии и може да отсвири нешто од Шопен или Моцарт напамет. Дошол во Англија да најде работа, но станал зависен од тешки дроги и сé пропаднало“.

Како и 80 посто од бездомниците во Обединетото Кралство кои страдаат од ментални болести, проблемите на Долан ескалирале поради депресија кога бил помлад.

Растејќи на имот во Ислингтон во 70-тите, како десетгодишно дете дознал дека неговата „сестра“ му е всушност биолошка мајка, а неговите „родители“ му се баба и дедо.

„Тогаш мојот мал совршен свет се распадна. Немав љубов од мојата вистинска мајка. Не го сакала мојот татко и пушела како оџак додека била бремена со мене. На 14 години почнав да се дрогирам, а на 18 почнав со ситен криминал. Не верував никому и мојот живот беше сосема распаднат“.

Долгогодишната зависност од дрога и привремената бездомност кога имал околу 20 години значеле дека Долан не може да задржи работно место повеќе од шест месеци. Кога баба му починала, се доселил дома за да се грижи за болниот дедо, но нивната врска не била добра и неговите проблеми со зависноста и менталното здравје се влошиле.

„Сам се лекував со дрога. Хероин. Ми го уништи животот“, вели.

Но, неговото куче Џорџ, за кого вели дека му го спасил животот, му давало смисол во животот. Двајцата живееле на улица кога Грифин ја забележал уметноста на Долан, и од бездомник го претворил во реномиран уметник.

Денес, Долан се издржува самиот, има кариера и репутација како интернационално докажан уметник и автор, повторно контактира со семејството и се грижи за Џорџ.

Но, сé уште го мачи дрогата и лизгавиот пат кој води до бездомништво, кои оставиле траен белег на него.

„Последниве години не бев сосема чист. Навистина требаше да се удрам себеси по лице неколку пати и почнав одново. Ќе добијам пари од продажбата на сликите во странство, и само си кажувам себеси дека нема да ги потрошам на тоа“, вели.

„Јас бев личност со најмала шанса за пресврт во животот. Но, успеав  бидејќи сакав да се извинам на моето семејство за сите неволји кои им ги предизвикав“.

Извор: Independent