Џо Бајден избран за претседател на САД

Џо Бајден ќе биде новиот претседател на Соединетите Американски Држави објавија најголемиот број американски и светски медиуми, откако кандидатот на Демократската партија и формално беше прогласен за победник во државата Пенсилванија со што ги надмина 270-те неопходни гласови според електорскиот колеџ.

„Америка, чест ми е што ме избравте да ја предводам нашата величествена држава. Работата која е пред нас ќе биде тешка, но ви ветувам ова: Ќе бидам претседател на сите Американци – без разлика дали гласавте за мене или не. Ќе ја чувам вербата која ја вложивте во мене“, напиша тој на Твитер набрзо по прогласување на резултатите.

Победата на Бајден доаѓа на третиот ден од оддржувањето на изборите во вторникот, откако голем број клучни држави, како Џорџија, Пенсилванија, Невада и Аризона имаа толку тесен резултат што најголемите телевизии и новински агенции не се осмелуваа да прогнозираат кој ќе ја однесе победата до речиси последните пребројани гласови.

Новоизбраниот претседател се очекува вечерва да се обрати на јавноста.

Пред оваа функција, Бајден, кој има 77 години, беше потпретседател на САД во мандатот на претседателот Барак Обама. Тој е истовремено и најдолготрајниот сенатор од државата Делавер. Официјално претседателската функција ќе ја преземе на 20-ти јануари 2021 година.

Неговата партнерка во претседателската трка, Камала Херис, ќе стане првата жена потпретседател на САД.

Бајден, на национално ниво, освои најмногу гласови во историјата на изборите на САД, скоро 75 милиони гласови. Во вкупниот број гласови го победи неговиот противкандидат, актуелниот претседател Доналд Трамп со повеќе од 4 милиони гласови разлика.

Проекциите на медиумите засега се сведуваат на неофицијални резултати од државите кои ги изброија гласовите, додека истовремено претседателот Трамп, кандидатот на Републиканската партија, најави дека нема да го признае поразот и соопшти дека судски ќе ги оспори резултатите.

Бајден ќе стане 46-тиот претседател на САД. Тој кампањата ја водеше на ветувања за зголемување на минималната плата и инвестиции во зелена енергија, реформа на кривичното право за заштита на малцинските заедници, повторно приклучување во Парискиот климатски договор, проширување на здравствената заштита, универзално претшколско образование, проширување на бесплатното високо образование, враќање на угледот на САД во надворешната политика, како и проактивна борба со Ковид-19.