Џиновски портрет на дете се појави на ѕидот на границата Мексико-САД

Огромна фотографија од дете стои над ѕидот кој го дели Мексико од Соединетите Американски Држави, ѕиркајќи над челикот кој треба да ги заштити САД од мигранти.

Момчето изгледа како да ја држи бариерата со своите прсти, оставајќи впечаток дека може да го сруши без напор.

Француски уметник познат под името JR ја подигнал инсталацијата висока 20 метри, чија цел е да предизвика дискусија за имиграцијата.

Елмонд Давантес, софтверски инженер од Карлсбад, Калифорнија, направил фотографии од американската страна.

„Поголемо е од животот“, вели тој. „Едноставно привлекува внимание кон целиот проблем на позитивен начин“.

Салма Монтоја, 18, студентка од Текате вели дека фотографијата е главна тема на разговор во нејзиниот град. „Прекрасно е“, вели таа.

JR има направено други огромни портрети на различни места во светот, а поголем дел од неговите дела ја обработуваат миграцијата како тема.

Во средата, на откривањето на инсталацијата, за новинарите изјавил дека портретот бил инспириран од негов сон, во кој видел дете кое ѕирка преку граничен ѕид.

„Кога се разбудив, си помислив: „На што ли мислеше?“. Ние ги знаеме импликациите, што ѕидот претставува, како нè дели, но за дете, го немав одговорот“.

Проектот го подготвувал околу една година, барајќи идеално место. Се решил за Мексико, а детето на фотографијата е син на негов пријател Мексиканец.

Уметничкото дело е откриено истата недела кога Доналд Трамп објави дека ќе ја прекине програмата која им овозможува на младите имигранти донесени во Америка илегално како деца, да останат во државата.

Дополнително, неговата администрација прифати план да изгради ѕид долж целата граница, долга 3218 километри.