Џијан Емин под отворено небо ќе диригира во Будимпешта

Македонскиот диригент Џијан Емин, на 2 јули ќе гостува во Будимпешта кога ќе застане зад пултот со оркестарот „Данубија Оркестра Обуда“ и под отворено небо ќе прозвучат едни од најпопуларните француски шансони.

Настапот е дел од „Летниот фестивал Будимпешта“. Маестро Џијан Емин доби покана за гостување по успешниот концерт на Македонската филхармонија „Париз те сакам“, кога беа изведени француски шансони со негови оркестрации.

Како вокалистка и во Будимпешта ќе се претстави и познатата унгарска џез-уметница Миртил, која беше дел и од скопскиот концерт „Париз те сакам“. „Sous le ciel de Paris“,„La Vie en rose“,„Padampadam“,„Paroles“,„L’hymne a l’amour“, „Milord“,„Ne me quitte pas“,„Non, je ne regretted“ „Rien“…, се само дел од композициите кои што ќе ги слушне и унгарската публика.

Концертот на Џијан Емин во Будимпешта следува по неговиот настап како диригент и оркестратор на десеттото издание на „Види музика, слушни слика, добиј книга“, кое годинава беше посветено на култната група „Пинк Флојд“.