Џез составот Fierce го промовираше својот прв албум

Скопјани имаа единствена можност да се запознаат со богатиот звук на џез составот Fierce, кој синоќа го промовираше својот прв албум на кој се наоѓаат седум авторски песни. Бендот го формирале гитаристот Горјан Стојменовски и тапанарот Виктор Филиповски во 2012-та година, по што е оформен финалниот состав заедно со Марко Василевски (контрабас), Борислав Веселинов(саксофон) и Сенад Усеин ( труба).

„Процесот на снимање траеше два дена. Снимањето одеше спонтано како лајв сесија. Како што ќе ги слушнете песните вечерва, така звучат и на албумот. Очекуваме да биде многу добро. Треба да има голема посетеност. Добро е што има многу бендови, општо, а и публиката се интересира за џез музика, иако во принцип најголемата публика ни се колегите, сепак постои заинтересираност за овој вид на музика“, изјави Стојменовски.

Освен тоа што изминативе години биле фокусирани на создавање на нивниот прв албум, членовите на бендот настапувале на реномирани фестивали во земјава и странство, каде велат дека се задоволни од начинот на кој биле прифатени. Фидбекот на публиката служел како поттик за создавање поквалитетни авторски песни.

„Супер не прифаќаа на сите места кајшто одевме. Се случуваат и многу чудни работи, како на пример на настапот во Ниш, имавме многу мала посетеност, но откако започнавме, луѓето почнаа да се јавуваат на телефон и да ги викаат пријателите да дојдат да не слушаат“, се потсети Филиповски.

На синоќешната промоција, освен пријатели, роднини и колеги на музичарите, имаше и голем број љубители на џез музика, кои со бурни аплаузи ги поздравија песните од првиот албум на Fierce. Во наредниов период, тие ќе го промовираат албумот низ повеќето градови како Струмица, Битола и Штип.

Како што најавија од Fierce, нивниот втор албум веќе е во фаза на подготовка. Очекуваат да излезе во мај, идната година, по што бендот ќе замине на подолга турнеја.

Христијан Баневски