Покрај веќе потврдените настапи на драмендбејс пионерот Рони Сајз, Синистер и имињата од новата генерација на домашната сцена Д Планктонс, Шел Кок и Обохтал, во програмата на Д фестивал се запишува и вториот бран изведувачи на новото фестивалско лето во Дојран кое годинава ќе се одржува од 14-ти до 16ти јули.
Во листата хедлајнери се запишува и шведската џез-електронска сензација КУП ОСКАР ОРКЕСТРА (KOOP OSCAR ORCHESTRA), бендот на Оскар Симонсон.
Многу музички бендови звучат како „Куп“ (KOOP), но „Куп“ звучат како никој друг. По 10 години борба, Оскар Симонсон, композиторот и продуцентот кој стои зад овој музички проект, замина од сцената на која се одржа последниот концерт на бендот. „Куп“ издадоа три албуми кои се сметаа како пресвртна точка во електронската сцена – „Sons of Koop“, „Waltz for Koop“ и „Koop Islands“. Иако никогаш не беа во центарот на вниманието, нивната идеа ја пренесуваа нивните фанови и андерграунд сцената, додека не дојдоа до точка кога нивната музика беше комплетно разбирлива. Пет години по распаѓањето на „Куп“, Оскар Симонсон чувствувал дека е повторно подготвен за музика. По кратко дружење со литванската пејачка Џазу (Jazzu), дознава колку му недостасува музицирање со други артисти, па одлучува да состави бенд со Џазу како вокал. Го нарекува бендот Koop Oscar Orchestra (KOO), а главната мисија е да ја слави големината на музиката, особено моментот што музиката има способност да ги поврзе луѓето на начин на кој ништо друго не може.
Бендот прераснува во состав од седум музичари и нивното прво појавување во јавност е во есента 2015 година. Куп Оскар Оркестра прв пат настапи во Македонија во април минатата година, кога одржа концерт во целосно распродадената „Денсинг Сала“ во МКЦ.
Музиката на светот годинава на Д фестивал ќе ја донесат и исклучителните бендови од оваа сцена, ПРОЏЕКТ РАКИЈА (PROJEKT RAKIJA) и МЕСЕЧИНКА (MESZECSINKA) кои во Дојран пристигнуваат од Холандија и Унгарија. Претставниците од македонската музичка сцена пак, секоја година имаат посебно место на фестивалот, а меѓу нив особено потенцијалните имиња од младата музичка сила кои годинава ќе бидат збогатени со настапите на МОНОГЛИЧ (MONOGLITCH) и КОНТАКТ 59 (CONTACT 59).