Џеф Милс и Блек Кофи доаѓаат на Sea Dance фестивал

Еден од најголемите светски електронски уметници на сите времиња, Џеф Милс (Jeff Mills) и најбараната ѕвезда на денешната хаус музика, Блек Кофи (Black Coffee), ги потврдија настапите на Денс Парадајс (Dance Paradise) бината на овогодишниот Си Денс (Sea Dance) фестивал. Волшебникот од Детроит, како што веќе две децении го нарекуваат виртуозниот Милс, е еден од водечките современи уметници, за што сведочат и неговите поставки во славниот Лувр или бројните настапи со симфониските оркестри. Јужноафриканската диџеј суперѕвезда Блек Кофи стигнува со во моментов најсвежиот хаус звук за најубавата бина на морскиот брег, на која ќе ја пренесе енергијата од водечките клубови од Ибица, Мајами и Њујорк.

Џеф Милс, мултиталентираниот уметник, ја покрена славната детроитска техно сцена и ја основа најпознатата организација „Underground Resistance“. Првиот албум го објави уште во 1992 година за берлинската техно институција „Tresor“, а еден е и од пионерите на техниката на миксање на три и повеќе грамофони. Познат е и неговиот прекар „The Wizard“ кој настана бидејќи понекогаш во сетовите знаеше да употреби и над 70 плочи за само еден час. Неговиот автентичен израз и виртуозната техника ја забележаа и камерите во двата документарни филмови „Exhibitionist“ кои се прикажувани дури и во парискиот Лувр каде што Милс помина четири месеци како куратор на серија мултимедијални поставки. Милс ја компонираше и новата, современа музичка подлога за немиот филм на Фриц Ланг „Metropolis“ од 1927 година, која ја изведуваше и во живо во придружба на симфониски оркестар. Неговиот несомнен придонес кон современата уметност му ја донесе и титулата Витез на уметноста на Франција, а во богатата дведецениска кариера, Џеф Милс бележи настапи на сите најголеми светски фестивали, како и повеќе од дваесет објавени албуми покрај повеќе од стотина други изданија.

Еден од апсолутните феномени на современата електронска сцена, јужноафриканската суперѕвезда Блек Кофи на диџеј пултот на Денс Парадајс бината ќе го донесе најфиниот хаус звук за отворањето на Си Денс фестивал на 14 јули. Иако е на сцената повеќе од 10 години и зад себе има пет студиски албуми, бројни синглови и едно ДВД издание, неговиот метеорски подем и глобалната популарност најдобро ги илустрираат бројните настапи кои само во последната година го одведоа во 20 земји, на пет континенти. Со карактеристичен звук кој го претставува африканското наследство, Блек Кофи во светот на електронската музика е препознатлив по студиозните, таинствени и речиси спиритуални диџеј сетови кои ги обиколуваат најголемите сцени од мегаклубовите на Ибица, преку берлинскиот Панорама Бар, па сѐ до фестивалите како што се Сонар, Монтрео Џез или Коачела! Последниве 10 години тој ја предводи музичката куќа „Soulistic“ која под своја закрила има плејада одлични млади уметници кои настапуваат ширум светот. Со желба да им помогне на младите, минатата година заедно со САЕ институтот во Јужна Африка, тој ја покрена стипендијата на Блек Кофи фондацијата, со која им помага на студентите по продукција на звук, а кои не се во можност да го финансираат своето школување.

Овогодишното трето издание на Си Денс фестивалот ќе се одржи од 14 до 16 јули на плажата Јаз во Будва. Листата на изведувачи се пополнува, а настапите веќе ги потврдија Skrillex, Hurts, Sister Bliss – Faithless DJ Set, Stereo MC, Lost Frequencies, Jeff Mills, Andy C, Black Coffee, Filatov & Karas, Goldie, My Nu Leng, Sub Focus, Shy FX, Who See, Lea Dobričić, Miss Sunshine, Mladen Tomić, Haris и Kristijan Molnar!