Џеф Безос откри нов концепт за слетување на месечината

Извршниот директор на „Амазон“ и билионер Џеф Безос го презентираше новиот вид на веселенско летало со чија помош има план да го оствари својот проект – да одведе луѓе и астронаутска опрема на месечината до 2024 година.

Леталото „Сина Месечина“ („ Blue Moon“), кое за почеток ќе патува без луѓе во него, ќе може во повеќе наврати да пренесе разни научни инструменти, сателити и возила до површината на земјиниот сателит.

„Време е да се вратиме на месечината, овојпат и да останеме“, вели тој.

Безос ги презентираше своите планови поврзани со неговата компанија за вселенски истражувања „Сино Потекло“ („Blue Origin“) во центарот за конвенции во Вашингтон пред публика составена од потенцијални купувачи на ваквото летало и претставници од НАСА.

„Сина Месечина“, како што тој го нарекува претставеното летало, ќе има капацитет и доволно гориво да ја одведе опремата до месечината, да слета и потоа да се врати назад. Целта е да се слета на јужниот пол на природниот сателит каде беа пронајдени базени со мраз во кратерите. Водата која ќе се добие од тој мраз ќе биде разделена на атоми хидроген кој потоа би можел да се користи за создавање гориво кое ќе ги напојува понатамошните мисии низ сончевиот систем.

„Цената за изведување на било какви интересни работи во вселената моментално е превисока бидејќи таму нема зацврстена инфраструктура“, објаснува Безос.

Објаснувајќи го ова, тој прикажа слики од самоодржливи вселенски колонии во кои би опстојувале разни животни, растенија и секако луѓе. Сличен проект има развиено физичарот О`Нил, а според научниците во „Сино Потекло“ проектот е вистинска отскочна даска кон ваквите колонии.