Џангл легендата Голди ќе настапи на Д фестивал

Британската музичка легенда Голди (Goldie), еден од зачетниците на драмендбејс музиката, воедно и автор на еден од 50 највлијателни албуми во историјата на електронската музика – „Timeless“, се приклучува во листата на изведувачи кои ќе го одбележат претстојното издание на Д фестивал. Фестивалот годинава ќе се одржува од 15 до 17 јули во Дојран, каде што Голди доаѓа како еден од носачите на програмата на главната фестивалска бина.

Целосно оригинален и мултиталентиран Голди во својата дваесетгодишна кариера остави длабока трага како музичар, графити уметник, продуцент, диџеј и актер. Со повеќе од 3 милиони продадени изданија ширум светот, уште од раното детство ослободувајќи ја својата бескрајна креативност со сето право денес важи за творец на џангл музиката и икона на драмендебејс стилот.

Голди (Clifford Joseph Price) е роден на 19 септември 1965 година и своето детство го помина растејќи во домови за деца без родители и кај различни фамилии, но од најмлади денови е активен прво на брејк-денс сцената, како и во изработката на графити, а некои од неговите дела се вклучени и во документарниот филм „Bombing“ на Afrika Bambaataa. Графити уметноста го донесе и до најголемата графити битка во британската историја, во која се натпреваруваше со Robert Del Naja, кој подоцна ја основа групата Massive Attack.

 

На Д Фестивал годинава својот настап веќе го потврдија TOY DOLLS, DUB PISTOLS, ЧИСТА ОКОЛИНА и BERNAYS PROPAGANDA на главната бина, The Project Orpheus, Millko, Самостални Референти, Палиндром, Këpurdhat, Anna O, Metanoia и PaprikaPaprika на „Москито Стејџ“, а наскоро ќе бидат објавени и останатите изведувачи, најавуваат од фестивалот.