Џајковски,Фолтин и Бед Копи на петтото издание на „Д Фестивал“ во Дојран

Пионерот во промовирањето на електронската музика ширум Балканот Кирил Џајковски, контроверзното и најпопуларно српско хип-хоп трио „Бед Копи“, битолскиот состав „Фолтин“ и енергичните „Баилдса“ ќе бидат дел од летниот „Д Фестивал 2015“ во Дојран. „Д Фестивал “оваа година го прославува своето петто издание кое ќе се одржи за прв пат со тридневна програма и фестивалски камп, од 17 до 19 јули.

Како што информираат организаторите, подготовките за летниот „Д Фестивал 2015“, кој прв пат ќе трае цели три дена се во тек. Изминатите четири изданија, дел од „Д Фестивал“ беа бројни музички ѕвезди кои привлекоа повеќе од 14.000 посетители, па паркингот „Гранит“ во Дојран на моменти се чинеше премал за сите бендови, имиња, дополнителни содржини и публиката која со својата позитивна енергија веќе прерасна во уникатно одбележје на фестивалот. И токму за неа „Д Фестивал“  оваа година има дополнително место за деноноќно и уште поголемо уживање во фестивалската програма и убавините на дојранското крајбрежје. Имено, во непосредна близина на паркинг „Гранит“, а на самиот езерски брег, публиката ќе добие и свој камп простор со посебна плажа, спортски активности, интернет и други благодети за вистински летен одмор помеѓу бурните фестивалски ноќи.

Дека „Д Фестивал“  е уникатно музичко случување на овие простори, сведочи и листата на изведувачи кои настапија изминативе четири години. Од британските ѕвезди „Стерео Ем-Си’с“ и Соник кои настапија како главни ѕвезди на фестивалот, преку најголемите имиња на регионалната сцена како „Дубиоза Колектив“, „С.А.Р.С.“, „Дискобајаги“ или гостите од Холандија „Амарици“ и „Баилца“ од Грција кои беа своевидно откритие на фестивалот, па сѐ до исклучителните имиња на домашната сцена. Изминатите изданија на Д Фестивал понудија незаборавен настап на Кирил Џајковски, одлични концерти на „Бернајс Пропаганда“, „Конкеринг Лајон“, „Стринг Форсис“, долго очекуваниот настап на легендите „Зијан“, од најголемите имиња на поп-рок сцената ги видовме „Ареа“, една од најенергичните забави беше со „Суперхикс“, а уште се паметат и настапите на „Пеперминт“, „Дивизија“, Владич (Инфјуз) и други.

Продажбата на првите влезници за Д ФЕСТИВАЛ 2015 со промотивни цени стартува во среда, 20. мај! Во рамки на претпродажбата достапни ќе бидат тридневните фестивалски влезници кои вклучуваат и бесплатен камп, а чинат само 600 денари. Кампот на Д ФЕСТИВАЛ ќе биде отворен на 16. јули, веќе ден пред официјалниот почеток на програмата. Покрај фестивалските, ќе се продаваат и еднодневните влезници за Д ФЕСТИВАЛ по цена од 250 денари (за петок и сабота) и 350 денари (за недела). Фестивалската влезница со бесплатен камп ќе чини 600 денари.