Жителите на албанското село Лазарат годишно произведуваат 900 тони марихуана – оваа работа е незаконска , но се прави со премолчено одобрување од страна на властите. Екипата на Дојче веле успеа да направи обиколка на „Селото на канабисот”, нешто што досега тешко им успева на медиумите. Во нивната репортажа, опишуваат дека полињата со марихуана се насекаде, а селцето е сместено меѓу планините на јужна Албанија. Речиси сите 6 илјади жители живеат од своето производство – нелегално. Но , тие велат дека законите не важат за Лазарат, а полицијата овде не доаѓа.
За Дојче веле, локалниот новинар Телнис Скучи објаснува дека медиумите тешко влегуваат во селото.
„Тие имаат еден вид на заштитена зона во која никој не може да влезе. Врз оние кои се обиделе е пукано, а има и такви кои повеќе не се вратиле назад “, вели Скучи.
Екипата на Дојче веле го посетила семејството Душку кое во овој бизнис е веќе десет години.
„Тешко е , ова е исцрпувачка работа, од март до декември”, вели Замира Душку , која раководи со работите.
„Прво, садиме и копаме. Потоа, на секои два дена , растенијата треба да се наводнуваат. Ниту жетвата не е ништо полесно. Се правиме сами “, вели таа.
За својата заработка не сакаат да зборуваат, но работниците велат дека овде добиваат шест пати повеќе пари отколку на други работни места во оваа област.
Постојат осомневања дека овдешните жители се поврзани со водечките политичари и нарко-кланови од Западна Европа. Италијанските даночници ја надлетаа плантажата за да видат колкав е степенот на криминал и можните приходи. Тие пресметале дека земјоделците овде, годишно произведуваат 900 тони марихуана. Пазарната вредност на оваа количина изнесува околу 4,5 милијарди евра. Полицијата, која може да се сретне во околните места , минатата година запленети само четири тони, но тоа не го спречи поранешниот шеф на полицијата да се пофали пред новинарите, потсетува Дојче веле.
Жителите на околните села се лути поради ваквото однесување на полицијата. Во станбената населба на еден километар од Лазарат често залутуваат куршуми, а мештаните знаат дека локалните жители од Лазарат пукаат на несакан гостин.
Еден човек за Дојче веле потврдил дека бил ранет во раката од заскитан куршум .
Замира Душку отворено вели: „Ако владата сакаше да го запре производството, одамна ќе го стореше тоа. Но, државата има свои интереси, и самата заработува пари од дрогата. ”
Преземено од Дојче веле