Двотомниот речник „Македонска научна и стручна терминологија – ФИЛОЗОФИЈА“ е филозофска книга на годината

Прв добитник на нововостановената награда на Филозофското друштво на Македонија за филозофска книга на годината е двотомниот лексикографски речник „Македонска научна и стручна терминологија – ФИЛОЗОФИЈА“, подготвен од проф. д-р Ана Димишковска и проф. д-р Иван Џепароски.

Комисијата за доделување на наградата во состав: проф. д-р Мирко Ѓошевски (претседател), проф. д-р Денко Скаловски и проф. д-р Сузана Симоновска (членови) донесе едногласна одлука наградата да се додели на овој лексикографски речник, којшто е создаден и објавен во рамките на Макропроектот на МАНУ – „Македонска научна и стручна терминологија“, чијшто главен уредник е акад. Витомир Митевски.

„Се работи за капитално научно и филозофско остварување, со висок степен на оригиналност за дела од ваков вид, со оправдано очекување за огромно влијание и особено значење за проучувањето, развојот и филозофското творештво во македонското говорно подрачје. Доволно сведоштво за оригиналноста е податокот дека од над 1.000 термини 950 се изложени со значителна текстуална експликативна обработка. Влијанието на книгата врз проучувањето на историјата на филозофијата, нејзините современи текови, како и врз развојот и творечката дејност во сите филозофски дисциплини и подрачја е несомнено и очекувано поради долгото чувствување на потребата за стандардизација на македонската филозофска терминологија. Книгата е од големо значење за афирмацијата и развојот на македонскиот јазик што ѝ дава општа културна вредност и целосна општествена оправданост“, истакнува комисијата во своето образложение.

Минатата година, во рамките на 20. одбележување на Светскиот ден на филозофијата (16 ноември 2023 год.) наградата „Константин Философ“ за животно дело му беше доделена на академик Ферид Мухиќ. Како дел од истиот циклус наградата „Константин Философ“ за Филозофска книга на годината за 2023 година, ќе биде доделена на специјален настан поврзан со
одбележувањето на Денот на Филозофското друштво на Македонија, на 11 март 2024 година на Филозофскиот факултет во Скопје.

Минатата година Филозофското друштво на Македонија ги востанови наградите „Константин Философ“ во три категории: за животно дело, за филозофска книга на годината и за млад филозофски истражувач. Конкурсот за наградите „Константин Филозоф“ беше распишан на 24 март 2023 год., а номинациите за категоријата филозофска книга на годината траеја до 15 јануари.