Двобои со едноминутни новели на Фестивалот „Друга приказна“

По повеќе од два часа читачки двобои младата писателка Лана Басташиќ победи на натпреварот со едноминутни новели „Овде паѓаат крупни зборови“ кој во петокот се одржа во рамки на четвртото издание на книжевниот фестивал „Друга приказна“.

Бастасиќ во финалето го победи Ненад Величковиќ, кој беше овогодинешниот лауреат на фестивалот. Во натпреварот (помеѓу учесниците популарно наречен „фајт“) дваесет писатели од Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Косово, Бугарија, Словенија и Македонија си ги одмерија своите креативни сили пред петочлено жири составено од познавачи на книжевноста и перформативната уметност: Никола Гелевски, Искра Гешоска, Магдалена Хорват, Оливера Ќорвезироска и Синоличка Трпкова.

Фестивалот Друга приказна е најпрепознатлив токму по овој настан кој е ретка прилика да се видат на куп најпознатите и најпопуларните имиња на домашната и регионалната книжевна сцена, во динамична, енергетски набиена атмосфера. Тие на отворена сцена во пет елиминациони круга читаа или импровизираа свои кратки дела (раскази, песни), кои потоа беа оценувани (со оцени од 1 до 5) од жирито.

На натпреварот учестуваа следниве писатели: Ненад Величковиќ, Лана Басташиќ, Андреј Блатник, Сузана Тратник, Ѕвездан Георгиевски, Луиза Бухарова, Владимир Лукаш, Ана Марија Грбиќ, Дејан Алексиќ, Ненад Јолдески, Билјана Црвенковска, Живко Грозданоски, Тристан Халилај, Нора Ислами, Иван Димитров, Саша Станишиќ, Гето Руди, Горазд Кени Китановски, Тихомир Диковски и Линдита Кадриу.

Извор: Окно.мк