„Двете страни прогласија победа“ – Насловите на светските и регионалните медиуми за референдумот во Македонија

Референдумот во Македонија привлече големо внимание од светските медиуми и новински агенции. Кај поголемиот дел од нив извештаите за гласањето се најдоа на насловните страници на нивните интернет изданија, или беа помеѓу првите вести во рубриките „свет“ или „Европа“.

Британскиот Би-Би-Си својот текст за референдумскиот ден го наслови: „Референдум во Македонија: Гласањето за промена на името не успеа да го достигне потребниот цензус“, додека угледниот Гардијан напиша: „Македонија се соочува со криза откако референдумот за промена на име доживеа мала излезност“.

Гардијан

Би-Би-Си

И медиумите од САД известуваа за референдумот. Њујорк Тајмс напиша „Двете страни прогласија победа на гласањето во Македонија за промена на името“, а Вашингтон Пост објави „Со удар кон Западот, мнозинството Македонци апстинираа од гласањето за деблокирање на членството во НАТО и ЕУ“. Телевизијата Си-Ен-Ен, на својата интернет страница пренесе „Македонија со мала излезност на референдумот за промена на името покрај кампањата на дезинформации“.

Си-Ен-Ен

Њујорк Тајмс

Вашингтон Пост

Новинската агенција Ројтерс објави текст со наслов: „Македонскиот лидер најави дека ќе продолжи со процесот на промена на името и покрај неуспешниот референдум“. „Западот го поздрави референдумот во Македонија кој даде поддршка за новото име за крај на спорот со Грција“, објави Агенцијата Франс Прес. Германскиот Франкфурт Алгемајне Цајтунг напиша: „Референдумот не успеа поради слабата излезност“.

Од земјите во регионот, грчкиот Екатимерини на насловната страна на интернет страницата на англиски јазик објави извештај со наслов „По пребројувањето на гласачките ливчиња, 91 проценти гласале „За“ на референдумот во ФИРОМ“, како и коментар насловен „Следниот потег на Заев: Предвремени избори?“. Бугарската агенција Фокус збирниот текст за македонскиот референдум го наслови „Фијаско на референдумот за името“. Албанската радио-телевизија објави: „Заев побара од опозицијата да ги поддржи уставните промени по референдумот“, а српскиот јавен сервис, РТС, напиша„Неуспешен референдум во Македонија“.

Екатимерини

Радио-телевизија на Србија

Радио-телевизија на Албанија

Светскиот сервис на турската национална радио телевизија, ТРТ, напиша: „Македонскиот премиер најави дека продолжува со промена на името и покрај референдумскиот неуспех“. Хрватската радио-телевизија на својата веб-страна напиша: „Заев и Ципрас и понатаму за договор околу промената на името на Македонија“, додека за идентичен наслов се одлучи и јавниот сервис на Босна и Херцеговина, БХРТ.

Хрватска Радио-телевизија

Светскиот сервис на ТРТ