Двесте писатели се борат за правата на децата во нова кампања на УНИЦЕФ

Голем број познати писатели пишуваат „суперкратки“ приказни на интернет, во кои опишуваат што сакаат да има секое дете на светот. Новата дигитална кампања на организацијата за права на децата УНИЦЕФ собра повеќе од 200 меѓународно познати писатели, кои пишуваат приказни во кои ја има реченицата „Што посакувам за секое дете“.

Кампањата ќе трае една недела, и е именувана „Минијатурни приказни“. Дел од писателите кои се дел од неа се нигериската авторка Чимаманда Нгози Адичи и бразилскиот романсиер Пауло Коелјо.

 

Другите писатели ќе се дознаат кога нивните приказни ќе бидат објавени до крајот на неделата.

„Како писатели, имаме можност да се бориме преку едноставното раскажување“, изјавила Адичи. „Со оваа значајна и потребна кампања, се бориме за заштитата на правата на скапоцените деца од сите страни на светот“.

Приказните од кампањата, смислена за да ја обележи 70-тата годишнина на УНИЦЕФ, треба да бидат долги најмногу пет реченици, но да ги прикажат нееднаквостите со кои децата се соочуваат. Приказните биле напишани на повеќе од 10 јазици и различни стилови, но се обединети во илустрирање на универзалните човекови права кои децата би ги уживале во праведен свет.

УНИЦЕФ ги нарекува „минијатурни, но моќни приказни за храброст, гнев, љубов – и пред сѐ, за секое дете, надеж“.

Организацијата ги охрабрува корисниците на социјалните медиуми не само да ги читаат приказните, туку и да ги споделат омилените, или па да создадат своја „минијатурна приказна“ за да придонесат – користејќи го хаштагот #foreverychild.

Според статистиките на УНИЦЕФ, повеќе од 50 милиони деца низ светот се раселени поради конфликт, сиромаштија или климатски промени. Дури 263 милиони деца не одат на училиште. Само минатата година, речиси 6 милиони деца под петгодишна возраст починале од болест која може да се лечи.

„Шокантно е да се види дека животите на толку многу деца се сѐ уште под големо влијание од хоророт на конфликтите, нееднаквоста, сиромаштијата и дискриминацијата“, вели Палома Ескудеро, глобален директор за комуникации на УНИЦЕФ. „Се надевам дека овие минијатурни приказни ќе го потсетат светот дека мора да ја продолжиме нашата обврска кон сите овие деца, чии животи и иднини се во ризик“.