Две жртви при гласањето за референдум во Турција, граѓаните денес решаваат дали ќе се зголеми моќта на Ердоган

Две лица ги загубија животите денеска во тепачка што изби пред избирачко место во југоисточната провинција Дијарбакир за време на референдумско гласање, јавуваат турските медиуми.

Расправијата се случила во школски двор во село на југоисток во Турција каде денеска се гласа на референдум. Според дел од медиумите, причината била „несогласување во политичките ставови“.

Граѓаните на Турција денеска преку референдум одлучуваат дали ќе се прошират овластувањата на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Изборните единици беа отворени во 7:00 часот наутро во источниот дел на Турција, додека во остатокот од земјата гласањето почне во 8:00 часот. Избирачките места ќе бидат затворени во 17.00 часот по локално време.

Доколку победи на референдумот, Ердоган ќе има овластување да назначува министри, а целата бирократија ќе биде централизирана во неговата претседателска палата. Toj би можел да остане на власт до 2029, наместо до 2024 година. Негативниот резултат, пак, би бил голем удар за неговиот статус во Турција.

Противниците се загрижени дека новиот систем ќе овозможи целата власт да биде во рацете на еден човек.

Од референдумот, кој се одржува 94 години откако Кемал Ататурк ја основа модерна Турција, зависат односите меѓу Анкара и Западот, мировните преговори со Курдите и процесите внатре во општеството. Новиот систем ќе стапи на сила во ноември 2019 година, кога се одржат следните претседателски и парламентарни избори.