Две жртви и 40 уапсени во нов прогон на ЛГБТ лица во Чеченија

Две геј лица биле убиени, а уште околу 40 други се уапсени во нов бран на прогон во Чеченија, пренесе руска организација за ЛГБТ права.

Чеченските власти ги отфрлиле обвинувањата кои доаѓаат две години по меѓународните критики кога геј лице било подложено на тортура од државните безбедносни сили во руската република.

„Од крајот на декември 2018 година има нов бран на апсења на мажи и жени во Чеченија поврзани со нивната сексуална ориентација“, соопштиле од руската ЛГБТ Мрежа.

Игор Кочетков од организацијата објаснува дека полицијата ги запленува документите на овие луѓе за тие да не можат а ја напуштат Чеченија, како што се случувало во многу други вакви ситуации во минатото. Оние, пак, кои се уапсени се под закана со фабрикувани кривични дела против нив или нивни роднини и се приморани да потпишат празни листови, додал тој.

Кредибилноста на извештаите ја потврдуваат и од Амнести Интернешнал.

„Згрозени сме од информациите дека најмалку две лица починале од повреди под тортура“, вели Мари Струтерс, директорката на Амнести за Источна Европа и Централна Азија.

Портпаролот на Рамзан Кадиров, кој владее со Чеченија повеќе од една деценија, ги отфрла овие информации.

„Се работи за целосна лага… Нема апсења врз основ на сексуална ориентација во Чеченската Република во овој период“, рекол тој.

Европскиот парламент ја повикал Русија да ги истражи наводите.

Ова не е прв проблем со прогон на ЛГБТ лица во Чеченија. Руските власти отворија истрага по информациите за тортура и убивање геј лица во 2017 година, но од ЛГБТ Мрежата велат дека истрагата не била сериозно спроведена.

Радио МОФ во 2017 година направи интервју со новинарката Ирина Гордиенко која меѓу првите извести за постоење на „геј кампови“ во Чеченија и за приведување, мачење и убивање на геј мажите во руската Република.