„Се чувствувам одлично, самото аплицирање на вакцината е безболно и можам да препорачам, секој од нас кој е во оваа држава, сега веќе имаме вакцини, да прими вакцина по сопствен избор нормално, кој сака ‘Фајзер’, кој сака некој друг тип на вакцина“, ова го изјави денеска докторката Добринка Јовановска, првото лице кое се вакцинираше против Ковид-19 во С. Македонија.
Ова, како што вели таа, е единствениот начин да се заштитиме од овој тип на инфекција.
Веднаш после неа, вакцината ја прими и главната сестра на Инфективната клиника во Скопје, Габриела Темелковска. „Јас ја примив вакцината се чуствувам одлично, ги поканувам сите да се пријават да се вакцинираат“, рече Темелковска.

Со ова, денеска во земјава почна процесот на имунизација против Ковид-19, кој засега, како што изјави министерот за здравство Венко Филипче се спроведува само во модуларната болница во Скопје.
„Засега планот е да се одвива тука во Скопје, во модуларната болница, заради тоа што овој персонал е трениран и едуциран за оваа вакцинација сега, интензивно во овие изминати денови, и вработените во ковид центрите од другите болници во текот на викендот и почетокот на следната недела кога доаѓа распоредот, ќе доаѓаат тука. Понатаму, вакцините ќе се дисперзираат низ целата држава“, најави тој.
Истовремено, тој најави дека следната недела треба да стигнат уште околу 4.000 дози вакцини од компанијата „Фајзер“.
„Сите пријавени за првиот бран на авакцинаија, тоа се 4.000 здравствени работници, а тоа се сите оние кои што во моментов работат со ковид пациенти, ќе бидат вакцинирани“, рече Филипче.
Тој исто така најави и почеток на кампања за подигање на свеста за имунизацијата.
„Многу е важно граѓаните да се свесни дека вакцините се безбедни и дека без разлика од кој производител доаѓаат, се развиени на безбедни платформи и ова е единствениот начин да ние ја смениме сликата на пандемијата, не само ние, него сите земји на светот“, рече тој.
Според најавите на министерството за здравство денеска треба да се вакцинираат 260 луѓе.
Во земјава пред неколку дена стигнаа и првите вакцини, пакет од 4.680 вакцини од компанијата „Фајзер“ кои ги подари Република Србија во знак на солидарност и добрососедство.
Инаку, вакцинацијата е предвидено да се одвива во три фази. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.
Стигна првата тура со вакцини од Србија, од среда почнува вакцинацијата на здравствените работници