Две трансродови жени во Камерун осудени на пет години затвор поради „обид за хомосексуалност“

Судот во Камерун осуди две трансродови жени на пет години затвор поради „обид за хомосексуалност“ и други кривични дела откако биле уапсени за облеката што ја носеле, пренесува Си-ен-ен.

Се работи за локални инфлуенсерки познати како Шакиро (идентификувана како Лоик Енџекам) и Патриша (идентификувана како Роланд Маут). Тие биле уапсени на 8 февруари, а активистите за човекови права велат дека нивното притворање е доказ за зголемување на криминализацијата на сексуалните малцинства во Камерун.

Во овој контекст, тие добиле максимална затворска казна од пет години затвор и мора да платат казна од 200.000 централноафрикански франци (370 долари).

Покрај „обид за хомосексуалност“, тие се осудени и за нарушување на јавниот ред и мир и неносење лична карта.

„Ова е политичка одлука. Централната влада рече дека овие луѓе не смеат да ја носат хомосексуалноста во Камерун“, рече адвокатката Алис Нком, која вети дека ќе ја обжали пресудата.

Владиниот портпарол не го коментирал случајот.

Камерун е една од многуте африкански земји каде истополовите односи се нелегални. Тамошните судови веќе осудувале луѓе на повеќе години затворска казна поради сексуална ориентација.

Од Хјуман рајтс воч минатиот месец соопштија дека апсењата на Шакиро и Патриша се дел од сеопфатната полициска акција против сексуални малцинства.

53 лица се уапсени во рации на организациите за борба против ХИВ и СИДА од мај 2020 година, а некои од уапсените изјавиле дека биле претепани и подложени на присилни „анални прегледи“ за да се потврдат обвинувањата за хомосексуалност, соопшти групата за заштита на човековите права.