Две скопски училишта наградени на меѓународен натпревар во Токио

Во рамки на одбележувањето на „70-годишнината од основањето на УНЕСКО“, проект во кој активно се вклучени 144 земји-членки на УНЕСКО и земји-набљудувачи, двете училишта, ООУ „Лазо Трповски“ и „Владо Тасевски“ од Скопје се наградени на Меѓународниот литературен натпревар за млади во Токио, Јапонија.

Натпреварот е во организација на УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио, Јапонија. Меѓу наградените на овој реномиран натпревар во својата возрасна категорија е и ученичката Елена Стојкоска од Скопје.

Покровител на овој реномиран натпревар е министерот за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија.

Со прозни лични творби напишани во форма на есеи на тема „Градиме мир во нашите срца и души“ учествуваа 12 960 учесници од 148 земји. Личната творба напишана во форма на есеј не смееше да содржи повеќе од 700 збора и беше напишана на еден од странските јазици што се изучуваат во училиштето (германски или англиски јазик).

Тимовите на основните училишта „Лазо Трповски“ и „Владо Тасевски“ на натпреварот во Токио беа предводени од наставниците Стефан Симовски, наставник по германски јазик и Виолета Панев, наставничка по англиски јазик.

Првата и втората награда се парични, а организаторот доделува вкупно 33 награди за најуспешните млади автори и специјална награда за најуспешно училиште на натпреварот. Наградите ќе им ги врачи министерот за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија, а свеченото врачување ќе се одржи во Токио на 1 декември оваа година.