Две предавања на професор Џејмс Елкинс во Музејот на современата уметност

На 16 и 17 декември (вторник и среда) со почеток во 13.00 часот во салата за предавања и проекции на Музејот на современата уметност – Скопје ќе се одржат две предавања на професорот Џејмс Елкинс каде ќе се осврне на повеќе значајни прашања кои се однесуваат на актуелните дебати околу улогата на современата уметност, историјата и теоријата на уметноста и теоријата на сликата.

Предавањата на Џејмс Елкинс во Скопје се дел од проектот насловен „Сликовни перспективи: Надминување на бинарноста“, инициран и организиран од Владимир Јанчевски, на чија покана во периодот 15-18 декември Елкинс ќе престојува во Македонија.

Првото предавање е насловено „Иднината на сликата“, а второто (во среда) „Отаде естетското и анти-естетското“. Предавањата ќе бидат на англиски јазик без симултан превод, во времетраење од еден час по што публиката ќе има можност да поставува прашања и да поразговара со гостинот.

Џејмс Елкинс (James Elkins) е професор на Школата на Уметничкиот институт во Чикаго (School of the Art Institute of Chicago) еден од најзначајните историчари и теоретичари на уметноста во последните две децении. Роден е во Итака, Њујорк во 1955 година. Својата докторска дисертација ја одбранил на Универзитетот во Чикаго во 1989 година, а во последните 25 години предавал на повеќе реномирани универзитети и институти во САД, како Принстон, Дјук, Беркли, Кларк Институтот.

Автор е на повеќе од 20 книги од реномираните издавачи во САД и Европа и повеќе од 150 текстови во најреномираните стручни списанија кои се преведени на повеќе јазици. Предмет на неговиот интерес се теоријата на сликата, историографијата и историјата на уметноста, претставите на телото, како и врските помеѓу науките и уметностите.

Проектот се реализира во соработка со Центарот за визуелни студии – Скопје.