Две награди за полската уметничка Каја Клешта на „Скопје постер фестивал“

Апсолутен победник на осмото издание на Меѓународниот конкурс за студентски плакат во рамки на „Скопје постер фестивал“е Каја Клешта од Полска, која ги доби двете главни награди со два свои постера. Наградените на конкурсот, годинава на тема „Сите за луѓето со хендикеп“, беа соопштени синоќа во галеријата на Младинскиот културен центар  на отворањето на фестивалот.

Претседателот на жирито Петер Поч, објасни дека годинава се случил преседан бидејќи жирито, кое ги разгледува трудовите анонимно, избрало за првите две места постери од ист автор.

Пјотр Депта, сонародник на Каја Клешта, ја  доби специјалната награда на „ИКОГРАДА“, најпрестижна организација за графички дизајн во светот, чиј единствен член од Македонија е „Плакарт“ – организатор на Меѓународниот конкурс за студентски плакат.

Почесните награди ги добија Бо Јанг од Кина, Ана Јашчук и Дагмара Врона од Полска, Фарзад Саеди од Иран,  Анке Клејн од Македонија, Амир Милс и Флавија Мартинс од Португалија.

„Темата очигледно била инспиративна за студентите, чии дела ги гледате овде, бидејќи ова е рекордна година и по бројот на пристигнати постери и по нивниот квалитет. Со оваа изложба, ние се трудиме да ги срушиме бариерите и да укажеме на проблемите со кои се соочуваат хендикепираните не само во Македонија, туку и насекаде низ светот, изјави на отворањето Лазе Трипков, претседател на НВО Плакарт.

Во Галеријата на МКЦ е поставена изложба на стоте финалисти на конкурсот. Меѓу нив првпат има и пет Македонци што, според организаторот, е доказ дека графичкиот дизајн во Македонија се движи во нагорна линија.

Скопје постер фестивал продолжува денеска со работилници и предавање на графичките мајстори: Паула Трокслер на тема „Развивање дизајн идеи“, Ласко Џуровски на тема „Кирилица – вчера, денес и утре“, Гец Грамлиш на тема „Комерцијални, културни и социјални дизјан проекти“, Петер Поч со темата „Постери и идеи“ и Петер Банков – со предавање за спецификите на рускиот графички дизајн.