Две илјади и петстотини научници побараа од Австралија да го заштити Големиот корален гребен

Повеќе од 2000 научници кои ги истражуваат коралните гребени испратија писмо до австралиската влада, со барање да го заштити Големиот корален гребен.

Писмото, во кое се предупредува дека Австралија е бавна во преземањето на акција во борбата против климатските промени, беше испратено во саботата, после затворањето на 13-тиот Интернационален симпозиум за корални гребени, одржан во Хонолулу, Хаваи.

Писмото е испратено до премиерот на Австралија, Малколм Турнбул, а потпишано е во името на Интернационалното здружение на студии за гребени, кое претставува повеќе од 2500 научници кои ги истражуваат коралните гребени, менаџери и носители на политики.

Писмото, пренесува Mashable, предупредува дека коралните гребени низ светот се под закана од „целосен колапс“ поради климатските промени.

„Како резултат на уништувањето на коралите, четвртина од сите морски видови се во ризик, а поврзаните економски загуби ќе изложат милиони луѓе на намален квалитет на храната и зголемена сиромаштија“, се објаснува во писмото.

Поради се повисоките температури на водата и загадувањето, коралните гребени се во опасност глобално, особено поради избелувањето. Избелувањето на коралите се случува кога коралот ги исфрла алгите кои живеат во неговото ткиво. Со губењето на алгите, кои му даваат на коралот боја и хранливи состојки, тој станува поранлив на болести и загадување. Сериозно или повторливо избелување може да ги убие коралните гребени.

Северниот дел на Големиот корален гребен е особено погоден од избелувањето.

Според писмото, Австралија ги намалила своите одговорности како управител на Големиот корален гребен, според Светската конвенција за природно наследство, делумно преку тоа што дозволи ископување и пренесување на фосилни горива во околината на гребенот.

Во април, владата на Квинсленд го одобри закупот на рудник за јаглен на фирмата Кармајкл, кој ќе биде еден од најголемите во светот. Роберт Ричмонд, член на Симпозиумот, вели дека тоа е како „да гасиш куќен пожар со бензин“.

Научниците ја повикуваат владата да ја прекине поддршката на извозот на јаглен и да ја спречи дозволата за нови рудници за јаглен. Исто така, повикуваат австралиската влада „да води, а не да следи“ во заштитата на ранливата природна икона, како и во борбата против климатските промени.