Две години од протестите на АМАН: се смени ли граѓанската свест?

На 14 август пред две години се случи првиот протест на граѓанската иницијатива АМАН. Граѓанската платформа, која се спротивстави на поскапувањата на парното и електричната енергија, како и на укинувањето на дневната евтина тарифа за струја, остави важен печат во не многу богатата историја на автентично граѓанско организирање во современа Македонија.

Две години од протестите на АМАН: се смени ли граѓанската свест?

Протестите се одвиваа во текот на пет месеци, а во меѓувреме беше покрената и граѓанска иницијатива за измена на Законот за енергетика преку која се собраа над 13000 потписи, со што се отвори можност за барањата на АМАН да се расправа и во Собранието на Република Македонија.

„Пратениците на владејачката партија одбија да го послушаат гласот на граѓаните и со најпримитивни зборови ја нападнаа нашата претставничка тетка Зорица, која сепак успеа храбро и достоинствено да ја изнесе нашата приказна“, го опишаа тогаш активистите искуството во Собранието.


Со еден од иницијаторите на АМАН, Васко Лазаревски, разговаравме за значењето на иницијативата и за потребата од ваков вид артикулација на граѓанското незадоволство.

Радио МОФ: Што претставува за Вас АМАН од оваа перспектива? Има ли разлика во Вашата перцепција за движењето тогаш и сега, по две години?

Две години од протестите на АМАН: се смени ли граѓанската свест? Лазаревски: АМАН беше спонтан изблик на револт кон уништувањето на животниот стандард. Во летото 2012 се случија огромни поскапувања кои сериозно го нарушија квалитетот на живот на огромен број граѓани и се отвори патот за организирање на социјални протести. Активистите кои се зафатија со организирање на движењето претставуваа совршен статистички примерок на граѓаните на Македонија, по националност, образование, класа… Сите бевме претставени во движењето и тоа неплански, едноставно проблемите со кои се фативме во костец подеднакво ги засегнуваат сите. Може да се каже дека АМАН застана во одбрана на социјалната држава, а против социјалната помош.

Од оваа временска дистанца, мислам дека АМАН ги изоде сите чекори кои може да го направи едно такво движење и во одреден степен успеа да нѐ научи кои се методите и тактиките за подолгорочно активно застапување со ограничени средства, човечки и материјални. Има некои замерки во однос на префрлањето на АМАН од движење на протест во движење кое бара легалистички лек на проблемот, меѓутоа, за нас неколкумината кои останавме до крај во движењето, беше неопходно потребно да се исцрпат сите можни модуси на дејствување додека уште имаме ресурси за тоа.

Радио МОФ: Постои ли начин да се „измери“ колку АМАН влијаеше врз граѓанската свест? Дали граѓаните сега се помалку или повеќе свесни за проблемите, за одговорноста на политичарите и властите, дали се поподготвени да се побунат?

Лазаревски: Случајно налетав на едно мерења не јавносто мислење во кое АМАН беше препознаен како движење кое се бори за обичниот граѓанин. Значи, имало и мерења кои се занимаваат со влијанието на АМАН и кои потврдуваат дека движењето извршило влијание врз свеста на граѓаните. Граѓаните се сосема свесни за проблемите и кој им ги предизвикува, точно се лоцирани сите адреси кои се жаришта на социјалните, културните и меѓуетничките проблеми, тоа се во исто време и центри на моќта во Македонија. Отсега па натаму, секое граѓанско движење, организација, или иницијатива ќе мора од почеток да биде свесно, дека кога се соочува со некој, макар и најбанален јавен проблем, се соочува и со политиките и политичарите со чија работа тој проблем да биде создаден. И дека во огромен број случаи некој има интерес работите да останат какви што се, да се одржи статус кво, а граѓаните да останат мирни и покорни додека се управува со нивните пари и животи.

Две години од протестите на АМАН: се смени ли граѓанската свест?

Радио МОФ: Има ли уште потреба од АМАН? Со оглед на поскапувањата кои продолжуваат, дали е можно движењето да се активира? Има ли и други можности за борба против државните и приватните монополи?

Лазаревски: АМАН беше ад-хок акција, која се обиде да ја одржи тензијата и вниманието на јавноста кон социјалните проблеми. Сепак, социјалните и економските проблеми бараат поорганизирано и посуштинско делување. Бараат организирани, образувани и решителни луѓе кои ќе се занимаваат со системските недостатоци на општеството. Пристапот за кој зборувам, треба да се занимава со политика! А, прв чекор за да може така да се делува е поразување на концептот кој политиката ја гледа како ексклузивен домен на политичките партии. Тоа е долга и тешка работа и бара фронтовско делување на големи сектори од граѓанското општество кои ќе делуваат со заеднички цели и техники на нивно достигнување. Само создавањето големи ентитети, со здружени ресурси може да предизвика промена.

Ж.Н.