Дванаесет улици во Париз симболично именувани по новинари

За да го одбележи Меѓународниот ден со кој се бара да бидат казнети луѓето кои направиле злостори против новинари, организацијата Репортери без граници симболично преименува дванаесет улици во Париз според новинари кои биле убиени, мачени или исчезнале.

На улиците одбрани да бидат преименувани се наоѓаат амбасади на земјите во кои новинарите биле жртви на злостори кои не се казнети. Со овој потег, организацијата сака да го привлече вниманието на јавноста на фактот дека овие земји не направиле ништо за да ги казнат злосторниците против новинарите, како и да ги потсети овие држави дека нивна обврска е да направат се што е потребно за да ги изведат одгвороните пред лицето на правдата.

Од Репортери без граници потсетуват и дека повеќе од 90 проценти од злосторите против новинари никогаш не се решаваат. Според Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура, повеќе од 700 новинари се убиени во последните десет години, што во просек е по еден новинар неделно. Во девет од десет случаи, убијците не се казнети. Ова неказнување води кон повеќе убиства и често е симптом на конфликт кој се влошува и на распаѓањето на правните и казнените системи, велат од организацијата.

Комитетот за заштита на новинарите го објавува годишниот Индекс на неказнување, кој ги нотира земјите во кои злосторниците против новинарите најчесто ја избегнуваат правдата. Во минатогодишниот индекс, како најлоши се оценети: Сомалија, Ирак, Сирија, Филипините, Јужен Судан и Шри Ланка.