Дванаесет починати, 132 новозаразени и 112 оздравени од Ковид-19 во изминатите 24 часа

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека во изминатите 24 часа од Ковид-19 починале 12 лица, односно, пет пациенти од Скопје, еден од Штип, двајца пациенти од Тетово, двајца од Струга, еден од Велес и еден пациент од Гостивар. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починале двајца пациенти од Струга на возраст од 60 и 66 години, пациент од Тетово на возраст од 49 години и пациент од Скопје на 72 години.

„Во ГОБ „8 септември“ починати се четири лица, тројца пациенти од Скопје на возраст 56,69 и 75 години и пациентка од Велес на 68 години. Во болницата во Штип е починат пациент на возраст од 81 година. Во Гостивар е починат пациент на 70 години. Во Тетово е починат пациент на 62 годишна возраст. Во Институтот за белодробни заболувања за деца – Козле почина пациентка од Скопје 83 години, потврдена позитивна денес“, информираат од МЗ.

Во последните 24 часа потврдени се 132 нови случаи на Ковид-19, односно, регистрирани се 57 случаи во Скопје, 19 во Тетово, 13 во Штип, десет во Куманово, седум во Прилеп, шест во Гостивар, пет во Охрид, четири во Велес, три во Струга, по два случаи во Пробиштип и Свети Николе и по еден случај во Кавадарци, Ресен, Битола и Дебар.

Институтот за јавно здравје регистрирал оздравени 112 пациенти, односно, 42 од Скопје, 40 од Штип, 16 од Тетово, пет од Гостивар, три од Пробиштип, два од Свети Николе и Кочани, и по еден од Прилеп и Велес.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 6209, бројката на оздравени пациенти е 2427, на починати е 298, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3484. Од вчерашните тестирања три се контролни“, стои во соопштението на МЗ.

На Инфективната клиника во Скопје во изминативе 24 часа примени се четворица пациенти, а вкупно се хоспитализирани 92 пациенти. Од нив, на кислородна поддршка се 45 пациенти, а нема пациенти на механичка вентилација.

Во болницата во Козле се хоспитализирани 20 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19, две деца позитивни и четири со симптоми на вирусот.

„Во ГОБ „8 Септември“ примени се 14 нови, вкупно хоспитализирани се 136 пациенти. На респираторна машина се 11 пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 41, а во болницата во Штип се хоспитализирани 32 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 78 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19“, информираат од МЗ.

Досега во земјава се направени вкупно 59.633 тестирања на Ковид-19, а во изминатото деноноќие се направени 868 теста.