Двајца посетители украле мајмун од Зоолошката во Скопје

Двајца посетители вчера украле мајмун од Зоолошката градина во Скопје, го ставиле во такси и заминале за Кавадарци, објави Министерството за внатрешни работи.

Како што појаснуваат од МВР, со употреба на погоден алат, околу 17:30 часот пресекле делови од челичните жици од мрежаста ограда. Потоа низ отворот го извлекле мајмунот, од видот Павијан.

„Истите со украденото животно најверојатно ја прескокнале затворената капија и со такси возило го напуштиле местото на настанот и се упатиле кон Кавадарци“, се додава во билтенот.

Двете осомничени лица, С.Н.(31)и И.П.А.(26), се пронајдени и приведени во Кавадарци, животното е одземено и против нив ќе биде поведена соодветна постапка.