Дваесеттиот „Егзит“ фестивал ќе се одржи од 13 до 16 август 2020

По дополнителните консултации, новите датуми за фестивалот се одредени од 13 до 16 август годинава.

Тимот на „Егзит“ најавува дека целиот настан ќе се организира во соработка со Националниот кризен штаб на Србија, а како една од мерките ќе биде и намалување на капацитетот на фестивалот на половина од вообичаените посетители дневно.

Затворени ќе бидат рововите, но отворени ќе останат денс арената, главната бина и „но слип“ сцената заедно со уште неколку помали бини.

Повторното покренување на продажбата на влезниците започнува на 1 јуни, додека повеќе детали за фестивалот, можноста за рефундација и програмата, останува да бидат објавени.

Фестивалскиот тим тврди дека голем број од изведувачите се желни да настапат ова лето, додавајќи дека сцената го гледа одржувањето на „Егзит“ како шанса за враќање кон настаните во живо.

„Уште поважно од оживувањето на музичката индустрија е сигналот за надеж и оптимизам кој го испраќаме кон целото општество, а тоа е дека најлошото е зад нас. Помеѓу ширењето паника, што во минатиот период не недостасуваше и оптимизам, ние секогаш го бираме ова второто“ – нагласил основачот на „Егзит“, Душан Ковачевиќ.

Регионалните туристички експерти на неодамна одржаната трибина „Од откажување до откази“ во рамки на меѓународната конференција „Егзит Стратегија“, ја изнесоа проценката дека Србија направила паметен чекор со тоа што прва објави ваква вест, бидејќи токму младите ќе бидат првите кои ќе патуваат, потенцирајќи дека во државите кои први ќе го препознаат тоа побргу ќе се опорави туризмот од останатите земји.

За препораката на српската премиерка Егзит да се одложи за август известуваа и бројни глобални медиуми.

Славниот британски весник „Гардиан“ наведе дека Србија успеала да ја надмине здравствената криза без тешки последици, додека британскиот „Телеграф“ ја ис такнува проценката дека до август епидемиолошката ситуација ќе биде под контрола во цела Европа. И американскиот „Пулстар“ пишува за драстичното подобрување на ситуацијата и пренесува како примерот на ЕГЗИТ може да помогне за убрзување на опоравувањето на целокупната светска музичка индустрија.

Србија, како и многу европски држави, повторно ќе ги отвори своите граници без никаков лимит или пи-си-ар тестови (PCR).

Организаторите напомнуваат дека доколку дојде до нов бран на епидемијата во поединечни држави, посетителите од тие земји ќе мора да поминат на пи-си-ар тест кој ќе биде бесплатен или со симболична цена. Сепак, српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека епидемиолозите очекуваат дека ситуацијата во цела Европа до август ќе биде целосно под контрола.