Два смртни случаи од Ковид-19, 18 новозаразени и 5 оздравени лица во изминатите 24 часа

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше за нови два смртни случаи од коронавирус во државата. Односно, се работи за лице од Куманово на возраст од 73 години кое починало на Клиниката за инфективни болести и лице на возраст од 44 години кое е пронајдено починато во својот стан во Кавадарци, а кај кое постсмртно бил земен брис. Вчера истиот потврдил присуство на вирусот.

Во изминатите 24 часа пак, регистрирани се 18 нови случаи на коронавирусот, а по градови регистрирани се седум случаи во Скопје, четири во Прилеп, по два во Куманово и Битола и по еден слуај во Кочани, Крушево и во Кавадарци каде е вброено и починатото лице. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со новиот коронавирус се искачи на 617 лица.

„Од Клиниката за инфективни и фебрилни состојби во Скопје денеска се испишани 5 оздравени пациенти, кои по два негативни контролни бриса, во добра општа состојба заминуваат дома. На оваа Клиника примени се 4 нови пациенти, а во моментов се хоспитализирани вкупно 66 пациенти, од кои 7 пациенти се на механичка вентилација“, соопштуваат од МЗ.

Во болницата „8-ми Септември“ примени се 4 пациенти сомнителни на коронавирусот, додека вкупната бројка на позитивни и сомнителни на Ковид-19 во оваа болница изнесува 26 пациенти. Од нив, осум се во тешка состојба, додека три пациенти се на респираторна машина.

Досега во државава се направени 6.230 тестирања на Ковид-19, а во изминатото деноноќие  направен е 351 тест.