Два нови смртни случаи од Ковид-19, на 45 и 78 годишна возраст, 44 нови заразени

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа двајца мажи, од кои едниот на возраст од 45 години од Куманово, а другиот на 78-годишна возраст од Дебар, соопштија денеска од Министерството за здравство (МЗ). Починатиот пациент од Куманово, додаваат од МЗ, имал дијабет, атријална фибрилација, хиптертензија и обезност, додека пациентот од Дебар имал хрочно обструктивен бронхит и хиптертензија, а примал и терапија за двете хронични заболувања.

Во изминатите 24 часа направени се 392 тестирања, а потврдени се нови 44 случаи на коронавирусот. По градови, нови 23 случаи има во Куманово, 11 во Скопје, 4 во Тетово, 3 во Битола, 2 во Струга и еден во Прилеп. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти се искачи на 329 лица.

„Од 392 направени тестови во изминатото деноноќие: 262 се направени преку ИЈЗ, 26 преку Ветеринарен факултет, 24 преку лабораторијата Биотек и 80 преку Болницата „Филип Втори“ (Жан Митрев). До сега се направени вкупно 3.518 тестови на Ковид-19“, информираат од МЗ.

Досега од 329-те случаи на Ковид-19, според местото на живеење, податоците се: Скопје 176 лица, Дебар 47, Куманово 47, Штип 15, Прилеп 10, Тетово 8, Струга 7, Велес 6, Битола 4, Охрид 3, Кавадарци 2 и по едно лице во Гостивар, Крива Паланка, Струмица и Гевгелија.