Два нови смртни случаи од Ковид-19, на 31 и 91 годишна возраст

На Клиниката за инфективни болест во Скопје починаа уште две лица од коронавирус, од кои еден пациент на 91 годишна возраст кој бил хоспитализиран осум дена, и пациент на 31 годишна возраст чија клиничка слика била тешка, соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Вкупниот број, пак, на ново дијагностицирани лица во изминатите 24 часа е 16, со што вкупниот број на заразени со Ковид-19 изнесува 257.

Во меѓувреме, на Инфективната клиника се примени тројца пациенти од Скопје и Куманово. Во моментов, таму се хоспитализирани вкупно 49 пациенти, од кои седум се со потешка клиничка слика, пневмонија, воспаление на белите дробови.

„Во овој момент нема пациенти кои што се лекуваат на респираторна машина. Стабилна е состојбата на сите други пациенти ширум државата, во секојдневна комуникација со матичните лекари, односно, локалните болници“, рече Филипче.

Двајца пациенти на клиниката веќе имаат и втор негативен тест, а министерот Филипче додаде дека за уште пет други се планира второ тестирање во текот на утрешниот ден.

„За период од два до три дена, потенцијално ќе може седум пациенти да бидат пуштени на домашно лекување, но после стигнувањето на тестовите и после повторната евалуација на нивната клиничка состојба, без разлика на тоа што два теста може да се негативни, ќе биде одлучено како ќе продолжи лекувањето, за што ќе информираме веднаш после евалуацијата, прегледот, односно тестирањата“, потенцираше Филипче.

Во врска со вчерашниот случај на починатата пациентка од струшко која не била хоспитализирана, тој соопшти дека утре директорката на охридската болница ќе биде разрешена и ќе биде поставен нов директор.

Следната недела најави дека ќе се отворат уште два пункта за тестирање во Скопје, од утре во поликлиниката „Чаир“, а до крајот на неделата и во поликлиниката „Млин Балкан“. Истовремено најави зголемување на мрежата на сегашните 14 пунктови кои што работат во рамките на центрите за јавно здравје во другите градови.

Системот на мобилните тестови кои беше најавен деновиве, министерот рече дека ќе почне да функционира следниве денови во Скопје, пред се до места, семејства и луѓе кои треба да се истретираат или да се земе материјал побрзо, како систем на надополнување на системот на центрите за јавно здравје.

Исто така, Филипче се осврна и на реакциите на дел од граѓаните во однос на луѓето сместени во државните карантини деновиве, за кои вели дека ова се времиња во кои никој не треба да биде стигматизиран.

„Тој модел мораме да го поддржиме, тие се луѓе сместени во сосем солидни, добри, услови. Сите се прегледани, постои алгоритам кој што се прати, како се постапува со луѓето кои што се сместуваат во карантините, се пргледани од интернист и епидемиолог, досега нема ниту еден заболен од болеста, има неколку, 4-5 заболени лица, тестирани и се негативни, заболени од обична настинка, и тие се во рамките на тој карантин, настрана од сите други лица. Тие наши сограѓани, не претставуваат, апсолутно никаква опасност, ниту за непосредната околина, ниту за градовите во кои што се сместени заради тоа што се тоа целосно здрави луѓе, кои што мора да го поминат овој период од 14 дена во самоизолација“, додаде Филипче.

Денеска и утре ќе бидат готови и тестовите на лицата кои работеле во Заводот за рехабилитација во Козле, каде имаше заразен пациент. Потоа, додаде Филипче, ќе продолжи во соодветна форма работата на заводот, за што повеќе информации најави во текот на следните два дена. Дополнително, од утре започнува со организација и Клиниката за кожни болести каде ќе се воспостави систем на амбуланти, за кои министерот додава дека се целосно координирани и со системот на „Мој Термин“.