Два куршуми испукани кон Никола Тодоров – повредени нема, а напаѓачот е приведен

60-годишниот Љ.С. испукал два куршуми од огнено оружје кон поранешниот Министер за здравство, Никола Тодоров, потврди Министерството за внатрешни работи. Во инцидентот нема повредени, а приведениот е приведен во полициска станица.

Од Министерството сè уште не ги знаат мотивите зошто лицето пукало во Тодоров.

Инцидентот се случил во 12:00 часот, на улицата „50-та Дивизија“ пред Министерството за здравство.

Според дел од медиумите лицето кое пукало во поранешниот министер е дедо на Тамара Димовска која на деветгодишна возраст почина од сколиоза додека се чекаше Фондот за здравствено осигурување да и одобри средства за операција во странство.

За 12:30 часот денеска беше најавено примопредавање на функцијата Министер за здравство од Никола Тодоров на Арбен Таравари.