Изнудено или не, под притисок или слободна волја, синдикатот сепак донесе одлука да го стави во мирување штрајкот во образованието. Преговорите продолжуваат на маса, анализира Дојче веле на македонски јазик.
Наместо штрајк, продолжение на социјалниот дијалог. Наставата во основните, средните училишта и градинките денеска продолжува со нормален интензитет. Во „пет до дванаесет“ синдикатот и министерството за образование постигнаа договор.
Изнудено или не, под притисок или по слободна волја, синдикатот сепак донесе одлука да го стави штрајкот во мирување и да му даде шанса на преговарачкиот процес. Притисоците и штрајкбрехерството според првиот синдикалец Неделков не биле причина за ваквиот развој, туку подготвеноста на надлежните за продолжение на социјалниот дијалог кој начелно треба да продолжи веќе од денеска, пишува ДВ.
„Јасно беше дека проблемите не може да се решаваат денеска. Поентата беше да продолжиме со социјалниот дијалог кој што беше прекинат според нас од една, а според нив од друга причина. Тука имавме недоразбирања, но ги испеглавме ставовите, им ги презентиравме барањата и сега треба да се конституираат групи кои секојдневно ќе работат и во некој разумен временски рок, но најдоцна до крајот на годинава, очекуваме голем дел од барањата, да не кажам сите, да се решат. За платите годинава за жал останува така како што е одлуката на Владата, за зголемување од 4% на ниво на администрација, но за 2015 ќе инсистираме прашањето да се отвори, нема да имаме табу теми. Ако можеме да бидеме задоволни за едно право, а тоа е партнерите да негуваат социјален дијалог, од тој аспект сум задоволен, но од аспект на она што се случуваше периодов и дали имаше потреба да дојдеме до ваква ситуација, тоа е друго прашање. Покажавме добра волја, што во минута до дванаесет прифативме да преговараме, а од друга страна тие покажаа интерес за тоа и сега не е во прашање добра волја за тие да ги решат проблемите, туку во прашање е тежина на аргументите каде што ќе ги убедиме дека сме во право за она што го бараме. Она зад што стои маса незадоволни луѓе вработени во образовниот систем“, изјави за Дојче веле Јаким Неделков, претседател на СОНК.
Од министерството се задоволни што проблемите ќе се решаваат на маса. Подготвеност за решение, или простор за разговор има околу проблемите со екстерното тестирање и казните за наставниците кои според синдикатот се превисоки и непознати во европската пракса.
Од СОНК бараат веднаш да продолжат и преговорите околу спорните прашања во колективните договори за градинките и во делот на културата каде воопшто нема колективен договор. Доколку нема позитивен развој, на почетокот на јануари од синдикатот велат дека ќе одлучуваат за одредување на новиот датум за штрајк во образованието.
Извор: Дојче веле