ДВ: Пократки процедури за азил, наместо враќање на визите

Бројот на баратели на азил од Западниот Балкан во земјите на Шенген повторно расте. За да се сочува безвизниот режим и да се намали притисокот врз системот на азил во ЕУ се скратуваат процедурите и се укинува помошта, објави Дојче Веле.

ДВ: Пократки процедури за азил, наместо враќање на визите

Во годината зад нас од Западниот Балкан во Европската унија стигнаа околу 50.000 баратели на азил, што е речиси една шестина од сите барања за азил во ЕУ. И додека во Европа доаѓаат голем број луѓе од Сирија, Чеченија или Авганистан, на кои таков вид на заштита и помош им е неопходна поради прогонот и состојбата во нивните матични земји, поголемиот број на барањата за азил на граѓаните на Србија, Македонија, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина се одбива како неосновани. Поради таквата „злоупотреба на безвизниот режим“ внатре во ЕУ повеќепати се споменуваше прашањето за повторно воведување на визниот режим за граѓаните на западниот Балкан.

„Би било лошо поради барателите на азил повторно да се воведат визи. Многу е подобро законски да се решава тој проблем, а да остане безвизниот режим, кој претставува големо достигнување на евроинтеграциониот процес на Западниот Балкан“, повторуваат од Центарот за европска стабилност.

Во тој случај се поздравува и намерата на Германија, како и некои други членки на Шенген, на државите од Западен Балкан, на кои им е одобрена визна либерализација да ги стави на листите на „земји со безбедно потекло“, со што за нив би се скратиле процедурите за обработка на барањата за азил.

„Лажните барања за азил ги поднесуваат оние кои не се гонети или изложени на опасност во своите татковини, туку оние за кои обработката на тоа барање во ЕУ значи неколку месеци бесплатен престој, храна и здравствена заштита, што е најчесто и повеќе и подобро од она што го имаат дома“, вели во разговор за ДВ Александра Штиглмајер од Центарот за европска стабилност.

Истовремено Штиглмајер нагласува дека секој и натаму ќе има прилика да го „изнесе својот случај“ и врз основа на фактите да му се одобри или одбие барањето за азил, но дека сето тоа ќе трае неспоредливо пократко.

„Земјите кои ја скратија процедурата за барање за азил имаа и помал број барања. Швајцарија така го намали бројот на десет проценти во однос на претходните години, Шведска го преполови, а бројот на барањата за азил опадна и во Белгија. Кога процедурата за добивање азил трае неколку недели, таа е помалку интересна за оние кои знаат дека шансите за добивање азил се мали. Тие нема да минат толкав пат за две недели да минат во колективните центри и да бидат вратени дома“, заклучува Штиглмајер.

Европската унија уште во 1999 година почна да работи на заеднички систем за азил кој би ги ускладил законодавствата и процедурите во земјите членки кога станува збор за барателите на азил. Петнаесет години подоцна, ситуацијата е далеку од идеална. Пристапот е похармонизиран, се усвоија заеднички стандарди во областа на барателите на азил, како и критериуми неопходни за добивање на статус азилант, но секоја држава членка на Шенген и натаму има различен систем на одбрана за барањата на азил.

Извор: Дојче Веле