ДВ: Македонците сѐ помалку се смеат

Во време на големи кризи, луѓето преку хуморот и сатирата, се „справуваат“ со проблемите и стресот. И на овој 10-ти јануари, Светскиот ден на смеата граѓаните на Македонија сѐ помалку имаат причини за смеа, објави Дојче Веле.

ДВ: Македонците сѐ помалку се смеат

Во Македонија е забележливо и гаснење на хумористичните емисии, кои опстојувале повеќе години, како и „трансформирање“ на некои гласила, кои доминантно се занимаваат со карикатура и критички начин на гледање на општествената реалност. Миле Паника, Тошо Малерот и Цацко по дваесет години засмејување на луѓето повеќе нема да бидат гости во нивните домови преку телевизиските екрани. Зошто „К – 15“ ќе ја нема повеќе? – ДВ го праша Бубо Каров, популарниот „Цацко“.

Тој вели: „Одлучивме оваа серија како проект да згасне дефинитивно, поради сплет на околности. Веројатно дојдоа тешки времиња и за оние што се рекламираат, но и за медиумите, за кои е во прашање нивната слобода. Во овој момент во медиумскиот простор и воопшто во бизнис – амбиентот постои дисхармонија, која оневозможува К-15 натаму да постои. Постојат медиуми каде што и самите не сакаме да се емитува ’К-15’, бидејќи добивавме понуди со договори до кој процент би требало да бидат критикувани опозицијата и власта. Ова е само еден пример до кој степен се зависни медиумите од тоа кој што ќе мисли и кој што ќе каже. Изгледа и самите медиуми како да балансираат на некој начин за да не дојдат во ситуација некој за нешто да им забележи. Јас не ги оправдувам, но не можам и да ги обвинам медиумите, оти сите зависат од тој колач, наречен „рекламен простор’. Тој ’колач’ е толку многу намален во последните пет – шест години што ако Владата не огласи преку некој медиум, тогаш ретко кој медиум ќе може да опстане во таква ситуација.“

По цели 69 години списанието за хумор и сатира „Остен“, еден од брендовите на македонската карикатура препознатлив и во светот, се трансформираше и сега продолжува да опстојува низ другите облици на електронската комуникација, преку интернетот. Печатеното издание е згаснато. Зошто?

Корнелија Коневска, извршниот директор на „Остен“ напоменува:

„Во процесот на трансформација на брендот ’Остен’ во последниве години, ние ја почувствувавме кризата на карикатурата во светот. Карикатурата и другите форми на хумор и сатира, не се имуни на промените кои ги носи дигиталното доба. Интернетот засекогаш го промени изгледот на печатениот медиум, а карикатурата, особено онаа дневната и ангажираната, многу често се поврзуваше со печатените медиуми. Денес, како и во се друго, се случува хиперпродукција на карикатури, особено дигитално направени карикатури кои циркулираат преку интернет медиумите и на социјалните мрежи, додека во печатените медиуми се поретко ги има. Ние успешно ги приспособивме нашите активности според современите, глобалните текови. Сфативме дека карикатурата поврзана со дневно-политичките случувања во печатените медиуми замира, па во согасност со стратегиските определби на ’Остен’ за негување на уметноста на хартија, се фокусиравме на рачно нацртаната карикатура и сатиричниот цртеж. Значи, нема нема авто-цензура, туку само преобразба на ’Остен’ , што е предизвикано од новонастаните состојби.

Навистина, што се случува со со хуморот и сатирата во Македонија, во која постојат само меѓународниот фестивал на хумор и сатира „Ин Виница веритас“, кој се одржува во Виница, меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“, кој се одржува во Куманово, „Вевчанскиот василичарски карневал на маски, хумор и сатира и „Коза ностра“ – специјализираната страница за сатира, пародии и измислени вести? Зошто на лицата на населението во оваа балканска држава има се помалку насмевка?

Сунар Раими, професор пои социологија во Државниот универзитет во Тетово, коментира:

„Поради сеопштата економска, политичка и културолошка криза во земјата, на македонските граѓани им е се помалку до смеење. Тие се наоѓаат во депресија, постојано очекувајќи попозитивни процеси, кои ќе го подобрат нивниот живот. Но, тоа со години не се чувствува и тоа влијае да се намалува од ден на ден нивното чувство за хумор и смеење од срце. Влошувањето во нашето општество е зголемено до таа мера и отиде до таму што и хуморот е ’национализиран’ и е поделен на две етнички линии: хуморот за македонското население се занимава само со тоа население и тој хумор се произведува за да се задоволат само неговите вкусови. Од друга страна, власта ги смалува фондовите за производство на хумор за албанската популација, која своите потреби за ова ги задоволува, следејќи хуморески и други такви емисии, произведени во Албанија и Косово. Во Македонија треба да се прават заеднички проекти преку претстави на театри и невладини културни и уметнички организации, со луѓе што ќе знаат да произведуваат хумористична продукција, со која ќе ги ’хранат’ сите во земјата и со која ќе ја вратат старата, искрена насмевка на усните на граѓаните во земјата.“

Целиот текст може да го прочитате ОВДЕ.