ДВ: Екстремен спорт – возење велосипед со едно тркало

Спуштање низ планините со велосипед со едно тркало – авантуристички, но изводливо. Штефани Дице од Берлин за тоа тренира со години. Со многу смелост и голема доза лудост таа го исполнува сонот, пишува Дојче Веле.

Екстремен спорт - возење велосипед со едно тркало

„Возам ваков велосипед, оти тоа е секогаш нов предизвик, колку повеќе се вози, станува уште потешко и, секако, оти ми е неверојатно забавно“, вели Штефани Дице.

Модринките се однапред програмирани кај „маунтин јунисајклинг“ или „даун-хил“, како што го нарекуваат овој екстремен спорт. И Штефани Дице тоа го прифаќа релаксирано – тоа е составен дел од спортот. Пред повеќе од три години таа се пресели од Виена во рамничарскиот Берлин. Но, и Драхенберг со своите 99 метри височина, е привлечен.

„Кај даун-хил секогаш станува збор за тоа да се најде колку што е можно стрмна патека, а да не се падне. Од велосипедот со едно тркало се паѓа многу често, но во тоа е и предизвикот, дека се вози преку корења и камења и треба да се извози најбрзо можно“, објаснува Дице.

Штефани Дице повеќе од 18 години тренира трипати неделно. Таа започна во еден клуб во родното место Родгау крај Франкфурт. Таа продолжи и кога пријателките ѝ се откажаа. Најлесно е да се откажеш, вели 27-годишната девојка. Зашто, често трае и повеќе недели додека да може со ваков велосипед барем малку да се вози право.

„Прекрасно е да седиш на велосипед со едно тркало и да возиш. Се чувствуваш како да можеш да ја изиграш гравитацијата, бидејќи всушност е речиси невозможно да се балансира на една толку мала површина, па ако сепак успееш, уште и на некоја тешка патека со камења и корења, тогаш е тоа прекрасно чувство на слобода“, вели Дице.

Во 2012 година Штефани Дице си постави извонредна цел, заедно со четирикратниот светски шампион во велосипед со едно тркало Луц Ајхолц – да извозат еден 3.000 метри висок врв на Доломитите. Возењето траеше два цели дена. Една година претходно, тогаш во тројка, ги минаа Алпите од Фисен во Баварија до Јужен Тирол.

„Причинува задоволство да се искачуваат сѐ повисоки планини и да се оди на сѐ повисоко, едноставно затоа што и пејзажот се менува. Од 3.000 метри тоа веќе е високоалпски предел, а тоа значи дека теренот е многу нерамен. Мене ме возбудува да одам уште повисоко, да достигнам 4.000 метри, што во исто време е многу опасно, но е предизвик“, вели таа.

Вештини на велосипед со едно тркало – со тоа започна Штефани Дице. За тоа таа користи полесен и помал велосипед. Нејзината умешност двапати ѝ ја донесе светската титула во двојки – слободен стил.

„Овие трикови се можни само ако се вежба стотици пати или илјадапати. Убавото во возењето слободен стил е што чувствувам како да лебдам, односно го извозувам трикот така што изгледа многу течно и се одвива многу лесно. Прекрасно чувство е кога речиси лебдам над подот“, раскажува Дице.

Извор: Дојче Веле