ДВ: Авганистанките со нелегални абортуси спречуваат „бруки“

Контролата на раѓањето е табу во Авганистан. Земјата има највисоки стапки на наталитет во Азија. Многу жени абортираат нелегално, за да не бидат социјално изолирани и да спречат семејството да стане преголемо, објави Дојче Веле.

Авганистан

„Проголтав апче за да го абортирам бебето“, тивко раскажува Лина, чие име во текстов е променето, поради заштита на идентитетот. Таа не жали за својата одлука, бидејќи смета дека немала друга опција.

„Мојот сопруг беше осуден на затворска казна, откако беше обвинет дека бил вклучен во напад. Јас веќе бев бремена. Мојата фамилија се чувствуваше засрамена и велеше дека секој ќе праша од каде дојде детето“, додава таа.

Лина има дваесет и некоја година и живее во мало село на истокот на Авганистан. Општеството е екстремно конзервативно и тука преовладуваат стриктни правила, а товарот од нив најчесто го носат жените. Лина била свесна дека нејзиниот срам, иако сето тоа било засновано на гласини, би можел да доведе до смрт на целата фамилија, бидејќи на бременоста би се гледало како на огромна брука. Таа за Дојче веле објаснува дека познава многу жени кои абортирале.

„Едноставно одиш на доктор, ги добиваш вистинските апчиња од хемичарот и по некое време детето умира“, објаснува Лина.

Денес абортирањето во Исламската Република Авганистан е нелегално, освен ако животот на мајката не е доведен во опасност или, пак, доколку постои ризик детето да биде родено со тешка попреченост.

Силувањето и инцестот не се гледаат како доволно добра основа за абортус, вели Малика Пајгам, доктор кој работи во градот Херат на западот на Авганистан.

„Ако мајките или децата имаат здравствени проблеми, тогаш гинеколог и тројца општи лекари можат да извршат абортус, откако ќе биде спроведено советување“, објаснува доктор Пајгам.

Освен тоа, докторот мора да даде дозвола, како што дава и Советот на религиозни учители.

„Знам дека е убиство да се абортира дете. Но, јас мислев дека или ќе се убијам себеси или ќе го убијам моето дете“, вели Лина.

Таа веќе има три деца. Таа пораснала со впечатокот дека ова е работа што мора да ја заврши авганистанската жена. Авганистан има највисоки стапки на наталитет во Азија. Просечната жена има пет деца. Според традиционалниот начин на размислување, големото семејство ќе го осигура преживувањето на семејството. Посебно се посакувани и негувани момчињата.

Но, многу семејства би сакале да имаат неколку деца или воопшто да немаат, но недостатокот на информации за контрацепција ги спречува во таквата намера. Статистиките од УНИЦЕФ велат дека 79 проценти од авганистанските жени не користат контрацепција.

Целиот текст може да го прочитате на Дојче Веле.