Тетовскиот универзитет ја презема улогата на МВР – на информативни разговори во Ректоратот се повикани сите студенти кои се незадоволни од работата на Студентскиот парламент, јавува Алсат-М. Вчера, втор ден по ред, испрашувани се активисти на Организацијата на независни студенти. Меѓу нив бил повикан и новинарот на телевизијата Алсат, Адриан Керими, кој исто така е студент на овој универзитет.
“Денеска ме испрашуваше Дисциплинската комисија на ДУТ. Тие се сомневаа дека јас сум дел од некоја организација за која јас немам поим за што станува збор. Мојата работа и активност беше новинарска и јас сум ги следел нивните активности бидејќи така ми е одредено како работна задача. Не знам за што станува збор, само разбирам дека универзитертските власти ја играат улогата на МВР“, вели Адриан Керими, новинар и студент.
“Ние сме активисти на ОНС и тука сме за да кажеме дека бевме повикани од функционери на ДУТ, кои покренаа дисциплинска постапка за нас, обвинувајќи не дека не ги почитуваме институциите, имаме недолично однесување и дека нашата активност ги прекршила правилата на ДУТ, и дека наводно сме лажеле дека функционери на универзитетот ни вршеле притисок. Членовите на таа комисија не знаеја кој сум јас, едноставно ме повикаа како механизам за да се покаже дека сме ја собрале таа комисија за да донесеме одлука, која за мене е неприфатлива, и затоа не изјавив ништо“, вели Денис Рауфи, активист на ОНС.
“Таму беше присутен генералниот секретар на универзитетот. Ми рекоа да поднесам оставка од организацијата, во спротивно ќе бидам исклучен од Универзитетот“, вели Агрон Сефули, активист на ОНС.
Активистите на Организацијата на независни студенти апелираат да се поддржи нивната иницијатива за консолидирање на Студентскиот парламент и реализирање на нивните барања.
“Ги повикуваме сите луѓе, бидејќи Универзитетот е јавен, и сите ние треба да се обединиме за да го ослободиме Универзитетот од брутална интервенција која е извршена. Истовремено бараме и од сите професори, да не го изгубат достоинството, туку да излезат отворено и да ја кажат вистината и тоа што сметаат дека е праведно. Ние сме свесни дека сме на вистински пат. Сите тие што го раководат Универзитетот да излезат во јавноста и да дебатираат со нас отворено“, рече Зеќир Сулимани, активист на ОНС.
Во меѓувреме, раководството на ДУТ, молчи по овие пријави. Незадоволствата во ДУТ почнаа кога студентите беа условувани да платат 100 денари такса за Студентскиот парламент, како и против претседателот, Шабан Арслани, за кого велат дека на нелегитимен начин е на чело на Студентскиот парламент.
Од таа причина, беше формирана Организацијата на независни студенти, која во понеделникот делеше брошури во универзитетот, во кои се повикуваше за реформа на составот на овој Парламент.