ДУТ потпиша договор за соработка со германската Kurve Wustrow

Амбасадорката на Германија во Република Македонија, Гудрун Штајнакер присуствуваше во ректоратот на Државниот универзитет во Тетово (ДУТ) на денешното потпишување на договорот за соработка со германската организација Kurve Wustrow и Центарот за Балканска Соработка ЛОЈА од Тетово за спроведување на проектот „Зајакнување на младинската меѓуетничка работа во наставната програма на факултетите за идните наставници”.

ДУТ потпиша договор за соработка со германската Kurve Wustrow

Со овој договор се предвидува оспособување на идните наставници и професори во мултиетнички средини за справување со конфликтите на мирен начин, што тие потоа ќе го пренесат и на студентите, објави МИА.

Проектот веќе се спроведува на универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот на југоисточна Европа во Тетово и на ДУТ и многу скоро треба да започне со реализација и на универзитетите во Штип и Битола.

– Договорот за соработка предвидува реализација на курсот во нашиот универзитет, а е дел од предметот мултикултурно образование, во рамки на Филозофскиот факултет студиска програма по педагогија и интеркултурна комуникација што се организира токму од катедрата по германски јазик на нашиот Универзитет, изјави ректорот на ДУТ, Вулнет Амети.

Според Бухар Љума од Лоја, денешниот договор е само продолжување на соработката што започнала пред една година на нивната организација со ДУТ.