Вечерва, 25 јули, иницијативите Fridays for Future Skopje, Сите за Палестина и Социјалниот центар „Дуња“ организираат дискусија на тема „Стоп за воената машинерија: Борбата против империјализмот и капиталистичките војни“. Приемот во „Дуња“ е од 20 до 20:30 часот, кога вратите ќе се затворат и ќе започне дискусијата.
„Капитализмот денес, во потрага по нови пазари, го турка светот по катастрофален пат на војни и крвави конфликти. Од војната во Украина, преку империјалистичките интервенции во Африка, до геноцидот што израелскиот ентитет го спроведува врз палестинскиот народ во Газа – секојдневно се сведочи насилство поттикнато од потрагата по профит и воспоставување на пазарна хегемонија“, истакнуваат од иницијативите.
Тие потенцираат дека воената индустрија е во полна пареа додека милиони цивили ги губат своите домови и животите, а меѓународните институции покажуваат импотентност пред интересите на капиталот. Ова не се изолирани настани, велат, туку системски појави на капиталистичкиот поредок што војната ја третира како бизнис модел.
„Македонија, како приврзок на западот, активно учествува во империјалистичките злосторства преку членството во НАТО и потчинувањето на агресивната политика на Алијансата. Владата не само што се согласи да ги исполни барањата за зголемување на воениот буџет на 5%, туку стои против интересите на народот гласајќи против резолуциите за човековите права на Палестинците во ОН, соработува со израелскиот апартхејдски режим, и ја претвора земјата во потенцијална база за НАТО потфати“, сметаат активистите.
Според нив, истите тие локални моќници сакаат да ги преграбат општествените ресурси за нивен профит на капиталистичка екстракција, и основаа ново т.н. Министерство за енергетика со план за екстракција преку рудници, соларни фарми и мали хидроцентрали што значат смрт за локалното население. Дошница е еден од примерите.
„Против оваа смртоносна машинерија, неизбежно е градење на масовно анти-воено движење кое ќе ѝ застане на патот и ќе ги обедини сите кои одбиваат да молчат. За организирана колективна акција во солидарност со светските народи против капиталистичките војни!“, поентираат оттаму.