Душан Којиќ: Денешниот рокенрол звучи безопасно и неинтересно

Душан Којиќ – Која е еден од пооригиналните и еден од најупорните музичари во регионот. По распаѓањето на групата Шарло акробата во 1981 година, тој ја основа групата Дисциплина кичме. Денес, 35 години подоцна, Која е полн со креативна енергија, како на почетокот на кариерата. На крајот на минатата година, тој го објави новиот, 13-ти студиски албум, „Опет“, на кој го нагласи фанк-звукот, но му оддаде почит и на својот идол, Jimi Hendrix, во истоимената песна.

Во интервју за хрватски Национал, одговарајќи на прашањето зошто повторно ја облекол старата униформа од почетокот на кариерата, Која вели дека сега е вистинското време за тоа:

„Униформата не е старата, туку стилизирана верзија на сакото со еполети од самиот почеток на Дисциплина кичме. Мислам дека ова е моментот кога тоа треба повторно да се покаже. Времето е такво. Напорно, посебно за рокенролот, кој денес звучи безопасно и често неинтересно – како сонично, така и со пораките кои (не) ги испраќа“, вели Којиќ.

Тој исто така се осврнува и на слабостите и предизвиците на денешнината. На прашањето која е цената на доследноста кон неговиот карактеристичен музички израз, Која вели:

„Ете, пократок сум за некои пари, куќи, автомобили, ресторани, јахти… Баш скоро му реков на еден пријател дека би можел да составам хронологија на нападите врз овој бенд и неговиот творец, низ децениите. Интересно е што тоа може да се случи и денес, со новите генерации кои би требало да бидат понапредни. Причината ја гледам во враќањето на општеството наназад. По војните и влегувањето на капитализмот на овие простори, кога школството се менува и се поедноставува, кога содржината што ја добиваме преку медиумите се банализира, кога слабо се чита и пишува и кога се се мери и вреднува преку пазарот. Некој со задоволство би рекол дека „сепак не е до тебе“, што можеби и би можело да биде точно доколку ги немаше релевантните албуми и песни кои овој бенд ги испорачува, еве веќе 34-та година. Не разбираат за што се работи овде, а кога човек нешто не разбира, он често го напаѓа тоа и го омаловажува, затоа што така му е полесно“.

Прочитајте го целото интервју со Душан Којиќ.