Дури и најдлабоките делови на океаните стануваат потопли

Глобалното затоплување влијае и на најдлабоките делови на океаните. Научниците од Националната океанска и атмосферска управа на САД (НОАА), благодарение на термометрите поставени во најдлабоките делови на јужниот Атлантски Океан, забележаа просечно зголемување на температурата за 0.02 целзиусови степени, во зависност од длабочината, пренесува хрватски „Индекс“.

„Во изминатите неколку години, сите претпоставуваа дека длабоките океани мируваат. Ние не ги забележавме промените“, рече океанографот Крис Мејнен од НОАА.

„Но, секогаш кога ги проверувавме податоците, откривавме дека океанот е покомплексен отколку што сметавме претходно. Забележаното затоплување може да се должи на климатските промени, предизвикани од зголемени температури на океаните во близина на нивните површини“, додаде тој.

Тој додава дека длабокиот океан, односно подрачјето поддлабоко од 2.000 метри, досега не било многу добро проучено. Исто така, тој посочува дека длабоките делови на океанот се толку тешки за достигнување, што температурата на кое било истражено место, обично се зема само еднаш во деценијата.

Тимот на Мејнен ги мереше температурите во периодот од 2009 до 2019 година, користејќи сензори на морското дно на четири локации во аргентинскиот слив крај брегот на Уругвај. Еден од уредите за следење на температурата беше поставен на длабочина од 4.757 метри и покажа изненадувачка количина на варијабилност.

Температурните записи од двете најдлабоки места укажуваа на јасен тренд на затоплување во текот на споменатата деценија.

На помалите длабочини од 1.360 и 3.535 метри, температурите осцилираа многу повеќе отколку што очекуваа научниците, и иако промените беа нешто помали на уште поголеми длабочини, нивните генерални шеми се совпаѓаат со она што се случува на површината на океанот.

Се уште не е познато како овие промени ќе влијаат на екосистемите или временските прилики на површината на океаните, но со оглед на тоа во колкава мера циркулацијата и температурата на океаните се важни за глобалниот климатски систем, тоа не е баш добра вест.

Резултатите од студијата беа објавени во списанието „Geophysical Research Letters“.