„Дуња“: Проекција на South Park и дискусија за политичката сатира и изборите во САД

После шокантните избори во САД, за кои ќе се зборува по многу години, Социјален Центар „Дуња“ организира дискусија околу изборите во САД и политичката сатира преку епизоди од последната сезона на анимираната сатирична серија South Park, стои во повикот за настанот во „Дуња“ на 14 ноември, од 19:30 часот.

„Сатирата е неразделен дел од секое современо општество, преку Свифт, Орвел, Булгаков… доаѓаме до ден денешен, а радикален пресврт и осмислување на тоа што може да се дава на телевизија е South Park. Повелете на опширна дискусија и на малку забава со нашите омилени херои и анти-херои од South Park“, велат од СЦ „Дуња“.

Гостин на проекцијата ќе биде Никола Наумоски, активист на „Плоштад Слобода“, политиколог-комуниколог кој ќе има излагање на тема: Влијанието на сатирата врз политичките ставови (Дејли Шоу со Џон Стјуарт).

Влезот за настанот во СЦ „Дуња“ е бесплатен.