Дуке Бојаџиев со настап во „Станица 26“ ќе го промовира албумот „Синергија“

Македонскиот музичар и композитор Дуке Бојаџиев, кој живее и работи во Њујорк повторно се враќа во Скопје, каде на 27 oктомври во 23 часот ќе настапи во концертно издание за „Wine Expo“ на плоштад „Македонија“, додека на 28 октомври во 20 часот, во ноќниот клуб „Станица 26“ ќе се одржи промоција и јавно преслушување на неговиот најнов студиски албум со наслов „Синергија“ (Synergy).

Албумот содржи 10 музички нумери, а според Бојаџиев станува збор за модерна фузија на филмска и електронска музика, зачинета со елементи на фламенко, црковно пеење од 12-иот век во Германија и индиски изворни мотиви, кои, вели тој, создаваат терапевтска атмосфера.

„Инспирирано, напишано и испродуцирано во Њујорк, градот каде сите култури, истории и цивилизации се вкрстуваат, сето тоа видено низ една моја перспектива, како електро-акустична фузија на целото мое досегашно музичко и животно искуство. Почетоците на некои нумери се зачнати уште пред повеќе од 10 години, но финалните аранжмани и продукција ги финализирав во изминативе 3 години. Сите 10 нумери се снимени, продуцирани и миксани во моето студио во Њујорк“, вели Бојаџиев.

Од вокали на албумот најприсутен гостин е Ишмаел Фернандез на 6 нумери, интернационално етаблиран фламенко пеач од Андалузија, Шпанија, 4-та генерација фламенко пеач од познатата фамилија Фернандез, а ова му е прва соработка надвор од водите на традиционалната фламенко музика.

Даниела Тошиќ е пеачка со потекло од овие простори, која долги години живее и работи во Бостон. Специјализирана за пеење на црковна музика од 12-ти до 15-ти век, Даниела е една од ретките во светот, која до совршенство ја негува и изведува музиката на Хилдегард Вон Бинген (1098 г. – 1179 г.), првата жена композитор запишана во аналите на историјата. Даниела е вокален гостин на 3 нумери.

На една нумера („A Moment of Happiness“) гостува индиската пеачка и актерка, Прија Даршини, која целиот живот го негува традиционалното индиско пеење, а после голема кариера во Индија се доселува во Њујорк, каде работи на интернационалната сцена. На истата нумера таа е придружена од холивудскиот актер, легендарниот Иан Букенан со нарација на парче поезија од Руми. Неговиот глас беше многу присутен во албумското издание „Love is The Way” на Бојаџиев, од каде и почна нивната соработка.

Влезот за промоцијата е слободен.