„Дух во школка“ – нова книга на Сунчица Уневска

Излезе од печат новата книга со филмски рецензии на новинарката и филмска критичарка, Сунчица Уневска, насловена „Дух во школка“.

„Во ова ефемерно време ќе бидеме доволно ‘надмени’ да веруваме дека ефемерноста е минлива, а суштината трајна, па затоа без никаков страв или сомневање низ овој избор на филмски рецензии токму тоа ќе им го понудиме на читателите“, вели авторката Уневска за нејзината четврта книга.

Според концептот, „Дух во школка“ се надоврзува на нејзината прва книга „Седмиот печат“. Таа беше посветена на интернационалните филмски дела видени низ тематска визура, поврзани според идејата и поентата, втората книга „Македонска сага“ се фокусираше на македонските играни филмови, односно тоа е прва книга со рецензии која ги опфаќа сите македонски играни филмови продуцирани од осамостојувањето па сè до 2019 година, а третата книга донесе интервјуа со некои од најголемите филмски автори не денешнината, од кои на многумина тоа им беше, воопшто, прво и единствено интервју дадено за Македонија.

Како што вели Уневска во својот предговор, по цели шест години од првата книга „Седмиот печат“ таа сметала дека е време за нова книга со филмски рецензии, која ќе се осврне на филмските дела од цел свет на истиот тој поинаков, есеистички начин, аналитички, суштествен, безвременски. Имено, таа овде повторно се потпира на тематскиот избор, како во првата книга, што овозможува да се опфатат бројни вечни теми со кои човекот отсекогаш е преокупиран, но се разбира сето тоа испреплетено и со актуелните теми што се обележје на денешното живеење. Затоа во изборот од 64 филмови, Уневска не се води од некаква хронологија, од времето од кое потекнуваат филмовите или од некои настани, напротив, единствениот критериум се темите за животот и за оние бесконечни прашања, што секогаш одново ги бараат вистинските одговори.

Книгата е поделена на 16 глави за кои Уневска вели дека била мотивирана токму од денешниот ефемерен пристап воопшто кон делата, обидувајќи се да направи таков избор на теми што не изминуваат, теми кои дури и кога не се видливи се тука, бидејќи во себе ги носат оние вредности што свесно или не, го одредуваат нашето живеење. Се разбира дека не можат да изгубат од значење приказните кои зборуваат за триумфот на духот, без оглед на околностите; приказните кои зборуваат за хармонијата во природата, во која е впишана целата мудрост на живеењето; темите кои зборуваат за тоа дека илузијата секогаш има цена; кои прашуваат што е она што нè дефинира, сеќавањето или духот; кои зборуваат за љубовта, за бегството, за моќта; или оние теми кои се осврнуваат на сеприсутната манипулација, овозможена уште повеќе со дигитализацијата; па сè до бесмислените војни некогаш и денес; а уште повеќе до бесмислената индиферентност кога станува збор за судбините на децата од сите страни на светот итн.

А зошто и од каде насловот „Дух во школка“, кој всушност потекнува од еден футуристички филм, направен според јапонски стрип. „Школката отсекогаш имала огромно значење и носи безброј алузии, во кои човекот подеднакво може да се изгуби, но и да се пронајде. Како древен симболички објект нејзиното значење е силно и севременско“, објаснува Уневска. Првенствено, таа го симболизира безвременото и сето она што не изминува, ја симболизира моќта, мудроста, внатрешната убавина, тргнувајќи од можностите сокриени во нејзината внатрешност, од таинственоста присутна некаде длабоко во тој сокриен свет, тргнувајќи од звукот, од симетријата, од нејзината мистичност и траење. Се чини таа во себе го носи целиот универзум кој ги спојува времињата од постоењето до денес. „Ова не се само филмски рецензии, се вели во предговорот, ова се есеи за животот, за темите, кои вечно не интригираат и чии прашања и одговори се бројни, сè зависи каде одиме, што бараме и што се надеваме дека ќе најдеме“.

Книгата „Дух во школка“ е во издание на „Аквариус“, а поддржана е од Министерство за култура. Дизајнот на корицата е на Игор Манојловски, уредник е Ненад Гвозденовиќ, технички уредник Дејан Јовески, а лектурата е на Теодора Циклевска. Книгата е отпечатена во печатницата Датапонс од Скопје. Поради состојбата со коронавирусот промоцијата е планирана за пролетните месеци.