Дуев: Филозофскиот факултет единствен кој нуди програми за социјалното претприемништво

„Филозофскиот факултет како високообразовна институција нуди бројни можности во областа на социјалното претприемништво и единствено тука од цела држава, постои програма за социјално претприемништво на додипломски, последипломски и докторски студии“, посочи деканот на Филозофскиот факултет Ратко Дуев, на презентирањето на можностите за развој на социјалното претприемништво во Македонија во рамки на проектот на ЕУ „Јакнење на социјалното претприемништво“.

„Предметот социјално претпремништво со години наназад им овозможува на генерации студенти успешно да се запознаваат со оваа важна област и непосредно да го применуваат своето знаење во практиката“, рече Дуев.

Тој истакна дека Факултетот е секогаш отворен за соработка во сите проекти, чија цел е продлабочување на знаењето на студентите за да стекнат дополнителни вештини, знаења и компетенции кои ќе им бидат од полза во понатамошната кариера.

„Иако сме мала држава со самиот податок дека сме присутни на овој настан, тука меѓу нас се идните социјални претприемачи кои следејќи ги извонредните примери на успешност ќе го трасираат патот за себе и за лицата со кои заедно ќе работат“, заклучи Дуев.

Професорот од Филозофскиот факултет Јован Пејковски, кој предава социјално претприемништво, истакна дека социјалните претпријатија во земјава не се препознатливи од финансиските институции, поради што истите се третираат како било кој друг бизнис во однос на критериумите за поднесување банкарски кредити.

Според него, од голема важност е да се согледа корисноста од постоење социјални претпријатија, нивно правно регулирање, а со тоа да се одвојат определени фондови и да се воведат поволни услови за отпочнување ваков тип активности.

„Во Македонија има социјални претприемачи, тие се формирани во разен облик, како трговски друштва, нво, асоцијации и одредени здруженија на граѓани, но не се регистрирани под форма која би требало законот да ги прифати како социјални претпријатија“, вели Пејковски.

Барбара Садовска од Полска, лидер на проектот, вели дека се проценува оти во Македонија има 150 социјални претпријатија од кои сите не се регстрирани како такви и работат како мали единки. Посочи дека социјалното претприемништво на некој начин е солидарно движење бидејќи профиотот се реинвестира за натамошно јакнење на капацитетите на овие организации.

Извор: МИА