ДСД„Пелагонија“ се подготвува за гостите што ќе платат и по 150 евра за соба од вечер

Стари рамки од прозорци, вреќи градежен шут, прашина и мајстори, Државниот студентски дом „Пелагонија“ забрзано се подготвува за претстојниот Супер куп на Европа, кој на 8 август ќе се игра во Скопје. Еуфоријата која владее меѓу хотелиерите поради напливот на гости од странство се чини ги зафати и надлежните во „Пелагонија“ кои одлучија да ги понудат собите на платформата „booking.com“.

Како се доближува 8 август, цените во Пелагонија растат и до 153 евра, за четирикреватна соба. Еднокреветните пак се движат околу 110 евра за ноќевање, во периодот околу Супер купот.

Информациите за тоа каков е интересот за ноќевање во Пелагонија се чуваат подалеку од јавноста. Директорот на домот во моментов е на одмор. Од Радио МОФ се јавивме на бројот што беше наведен како контакт на резервацијата на „booking.com“. Оттаму ни се обрати машки глас кој не сакаше да објасни дали понудата за сместување е во координација со Студентскиот дом „Пелагонија“, па упати сите прашања да ги поставиме директно на страницата на „Booking“.

Сите одлуки за домот ги носи Управниот одбор, појаснуваат од МОН. Во него членуваат седум лица, три од Владата, две од вработените во домот, студент од СПУКМ и професор. Но нема член од Советот на станари на домот.

Претседателот на Советот на станари Стојанче Атанасов вели дека е изненаден од информацијата за изнајмување на соби во домот за фудбалските фанови. Тој нагласи дека лично не е запознаен со случајот. Но, појасни дека преку лето студенти имаат право да седат во студентските домови, иако по повисока цена и без храна. „Ме изненади, ги гледам цените и се многу големи“, коментира тој.

Од нив како Совет на станари не била покрената иницијативата нагласи Атанасов.

„Како ќе покренам нешто такво, не е мое да го издавам, тоа е државна институција“, додава.

Сметки за плаќање од странство

Одлучивме да провериме како функционира плаќањето на резервацијата на соба во домот. Според објавата на интернет, за резервација не е потребна картичка, туку гостите ќе плаќаат директно во домот.

„Домот има две сметки, едната е онаа на која МОН ги исплаќа своитеобврски кон домот (редовна буџетска сметка), втората сметка е сметката за сопствени приходи на домот. Сите средства се третираат како буџетски средства. Може да се наплати само со уплатница преку банка. Примање на кеш (готовина) е недозволено и незаконски. За сместувањето на гости во летниот период уплатата на средствата мора да се изврши со уплатница во банка на сметката за сопствени средства на домот, а во никој случај во готовина (Закон за платен промет). Од друга страна, доколку станува збор за користење на мензата, тогаш на потрошувачот треба да му биде издадено фискална сметка“, велат од Министерството за образование.

Но како корисник ако сакате да платите директно од странство тогаш ќе ви понудат две опции. Едната е директно плаќање преку Рayoneer. Втората опција е на сметка на Охридска банка, каде фигурира лицето Андреј Ѓеорѓиевски. Вакво име не се сретнува во листата на членови на Управниот одбор. Од вработени во домот неофицијално дознаваме дека тоа е лице од агенцијата што соработува со ДСУ „Пелагонија“ околу изнајмување на собите за Супер купот.

 Уште 10 дена до Супер Купот

Атмосферата во домот која ја затекна екипата на Радио МОФ на теренот е „ударничка“. Се реновира “на големо“. Сепак, вработените во „Пелагонија“ не се загрижени за краткиот рок. Велат дека за неколку дена работите ќе привршат, а дел од домот што е наменет за гостите од странство ќе биде целосно подготвен за нив. Сепак не ни дозволија денеска да ги фотографираме собите. Оставивме писмено барање во архива и добивме одговор дека ќе ни одговорат идната седмица.

Покрај мајсторите, група странски студенти си заминуваше од домот. Биле дел од организирана студентска група медицинари, од повеќе држави. Студентка од Латвија ја прашавме дали е задоволна од престојот во домот.

„Не“, одговори кусо. „Никој не не информираше за ова“, вели покажувајќи кон прашината во холот.

Автор на текст: Јасмина Јакимова

Фотографија: Бојан Шашевски