Држете растојание – уметничка инсталација среде Скопје инспирирана од коронавирусот

Во центарот на Скопје, се поставени неколку билборди со пораки на македонски и албански јазик, како дел од акцијата „Држете растојание”. Целта е на директен и визуелно експлицитен начин да ги потсети граѓаните да држат растојание, да избегнуваат гужви, да го намалат ракувањето, да ги минимизираат своите контакти и на тој начин да се заштитат себеси и другите од вирусот КОВИД-19.

„Сметаме дека во оваа ситуација превенцијата е најважна и затоа преку јазикот на уметноста се обидуваме да ги комуницираме пораките за превенција од ширење на опасниот вирус. Како уметници и активисти не можеме да останеме неми во вакви ситуации и сметаме дека во овие тешки денови секој треба да придонесе и да влијае за да го информира населението за мерките за самозаштита кои треба да се преземаат.  Уметниците и активистите преку она што знаат да го прават најдобро, преку своите дела, можат на интересен и несекојдневен начин да го подигнат нивото на свесност за оваа особено важна тема“, сооштија уметниците кои стојат зад акцијата.

„Држете растојание”, појаснуваат е акција посветена на медицинските лица и здравствените работници кои деноноќно се борат да го зачуваат јавното здравје. Додаваат и дека согласно препораки, при изработката на акцијата не постоел никаков директен контакт помеѓу членовите на групата.

Во земјава се регистрирани 18 пациенти позитивни на вирусот, а денеска се тестираат уште седум лица. Под карантин се ставени градот Дебар и Центар Жупа. Од минатат недела не работат образовните установи, но и затворените трговски центри, кафулињата и рестораните, со цел да се спречи собирањето поголеми групи на луѓе во мал простор. Препорака до компаниите е сите што можат да работат од дома. Вирусот се пренесува по капков пат (преку зборување, кивање, кашлање), а препораките се ограничено движење и одржување високо ниво на лична хигиена, недопирање на лицето и често миење раце.