Државните карантини се безбедни и строго контролирани, луѓето сместени таму не се закана за никого, велат од Владата

По реакции на дел од жителите на Битола поради македонски државјани затекнати во странство кои се носат во карантин во овој град, Владата на Република Северна Македонија апелира до граѓаните да бидат уверени дека сите мерки што се преземени за нивно прифаќање се по највисоки здравствени стандарди.

Оттаму посочуваат дека станува збор за обезбеден капацитет од 2.104 легла во моментов ширум државава, во 19 сместувачки објекти, а од нив пополнети досега се 1.082 легла.

„Граѓаните сместени во државните карантински објекти не се закана за никого, а објектите ги обезбедуваат полицијата и војската. Ниту еден граѓанин сместен во државен карантин во периодот од 14 дена не смее да ја напушти сопствената соба, ниту објектот, а секој кат од секој сместувачки објект е строго контролиран и обезбеден од војската и полицијата. За секој од нив е направена епидемиолошка анкета и определен е соодветен режим во карантинскиот објект кој е целосно безбеден и строго контролиран и надгледуван. Нема ниту најмал простор за загриженост, а најмалку за паника, обезбедени се највисоки здравствени стандарди и протоколи“, посочуваат од владата.

Мерките што се преземени за утврдување на локацијата и објектите за карантин, се додава во соопштението, се направени согласно препораките на Светската здравствена организација и врз стручни анализи и проценки.

Вчера преку соопштение се огласи и Општина Битола од каде што велат дека пристигнатите лица се сместуваат во контролирана изолација, со полициски надзор, а претходно прегледани од доктори. Оттаму велат дека мора да преовладува разумот, состојбата на човечност и колективност, а со апел ги повикаа граѓаните да останат во своите домови и да остават професионалците да ја завршат својата обврска.

СООПШТЕНИЕ ОД ОПШТИНА БИТОЛА Почитувани граѓани, Пристигнатите лица, наши сограѓани, се сместуваат во контролирана…

Posted by Општина Битола – официјална страница on Friday, 27 March 2020

Од владата потенцираат дека целосно ја поддржуваат општината која повикува на солидарност, човечност и колективност.

„Наша заедничка мисија нека биде граѓаните сместени во објектот предвиден за државен карантин да ги поминат во мир 14-те денови во изолација, бидејќи тие не се таму по сопствена волја, туку исклучиво заради строгото спроведување на мерките кои се преземаат во нашата земја и во целиот свет за справување со пандемијата“, велат од владата.

„Ова е време на солидарност“, додаваат оттаму, потенцирајќи дека на секој граѓанин ќе му биде пружена соодветна помош од стручните здравствени работници.