Државните институции догодина ќе ја исфрлат пластиката за една употреба

Од први јануари, идната година, во државните институции, стаклените ќе ги заменат пластичните шишиња, нема да се набавуваат ниту пластични чаши, сламки и друг прибор за еднократна употреба. Одредени добра како шеќер, пак, ќе се набавуваат рефус, најави министерот за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Насер Нуредини.

„Исто така, беше одлучено дека Службата за општи и работи и услуги и сите министерства, органи во состав, секретаријати и стручни служби нема да склучуваат договори за јавна набавка со производители без да поднесат доказ дека, најмалку за тековната година, во целост ги исполниле обврските во согласност со законодавството од областа на проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад“, информираат од МЖСПП.

Антонио Јовановски од невладината организација „Гоу Грин“ во изјава за Радио МОФ ја поздравува ваквата иницијатива и вели дека ова е одлука во права насока за намалување на отпадот од пластиката. Исто така, потенцира дека новиот Закон за пакување и отпад од пакување е добар чекор напред, во кој се забрануваат пластичните ќеси, а се дозволени само биоразградливите ќеси кои ќе чинат 10 денари. Сепак, предупредува.

„Треба да сме претпазливи со биоразградливите ќеси бидејќи тие при разградувањето стануваат микропластика, невидлива за човечкото око, и стануваат дел од синџирот на исхрана. Покрај што животните ги конзумираат, ги конзумираме и ние особено преку рибите. Биоразградливост треба да се регулира подетално, и да се воведе правилник кој ќе дава критериуми за биоразградливост. Секако има целосно биоразградливи материјали (од животинско или растително потекло), но тие се поскапа варијанта. Значи треба внимателно со биоразградливоста“, објаснува Јовановски.

Методологијата за пресметка на комунална такса е исто нешто што е важно, вели тој, а што ќе намали отпад и ќе поттикне селектирање на отпад.

„Да се прифати методологијата плаќаш колку создаваш. Тоа би значело дека ќе плаќаме по метар кубен или килограм, а не по метри квадратни како што е моменталната методологија. Ова треба да биде прифатено од општините, но бидејќи Министерот ја потпишува методологијата, тука има влијание и Министерството“, вели Јовановски.

Ваквата одлука доаѓа откако Владата ја усвои иницијативата на МЖСПП за престанок на набавките на еднократно пакување и пластика од државните институции. Овие мерки, пак, појаснуваат од МЖСПП се дел од Планот за спречување на создавањето отпад кој ќе биде донесен по усвојувањето на новиот пакет закони за управување со отпадот.

М.К.